СДСМ зборува за државен удар, ВМРО ДПМНЕ е фрапирана од Иванов | Македонија | DW | 12.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ зборува за државен удар, ВМРО ДПМНЕ е фрапирана од Иванов

Жестоки реакции по одлуката на македонскиот претседател Иванов за амнестирање на сите политичари против кои се водат постапки.

„Ова е државен удар“ оцени попладнево на прес-конференција лидерот на опозициониот СДСМ, Зоран Заев. Тој консттаираше дека е погазен Уставот, законите и достоинството на граѓаните и е погребан Договорот од Пржино. „Иванов денеска стана директен соучесник во злосторничкото здружување против Македонија“, рече Заев.

Тој побара „лицето Иванов веднаш да поднесе оставка“. Доколку тоа не го стори денеска, како што додаде Заев, Иванов ја доведува државата „до вонредна состојба до граница на експлозија“.

Лидерот на СДСМ оцени дека Иванов „има судир на интереси“ и не може да помилува затоа што „директно и неговиот избор е доведен во прашање“. Заев побара веднаш да биде свикано Собранието и упати повик до ВМРО ДПМНЕ да дојде во Парламентот и да ја поддржи иницијативата на СДСМ за разрешување на Иванов.

Заев нагласи дека не сака да биде аболициран или помилуван: „Ниту барав, ниту прифаќам амнестија. Не сме сите исти и не сме сите криминалци! Јас сум невин и својата невиност сакам да ја докажам на суд, низ соодветна процедура.“

ВМРО ДПМНЕ е „фрапирана“ од Иванов

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека со фрапираност и неверување ја проследиле прес-конференцијата на претседателот Иванов:

„Тие што ја предизвикаа политичката криза преку интриги, подземни сценарија, деструктивно однесување кое е спротивно на интересите на народот и државата треба и мора да одговараат. Ставот на ВМРО ДПМНЕ кон сето ова што се случува во државата е јасен, не може да не одговараат луѓето кои повеќе од година и пол ја држеа Македонија во заложништво, ги кршеа законите, ги уриваа институциите на државата и го закрвуваа народот.“

ВМРО ДПМНЕ, како што се вели во реакцијата, „не се сомнева дека Претседателот Иванов секогаш имал чесни и добри намери и постапки, водејќи се од националните и државни интереси и идејата за национално помирување и единство, кое сметаме дека е секогаш потребно. Сепак, во конкретниов случај би сакале да изразиме силно несогласување со оваа негова постапка. Сметаме дека со овој потег, се оневозможува нашата волја и напор да се разобличат сите конструкции, лаги и манипулации, кои ни беа наметнувани и беа насочени кон нас како дел на едно однапред смислено сценарио. Со многу работи со претседателот Иванов сме се согласувале и имаме високо мислење за него, затоа што секогаш се водел од државниот и национален интерес, но ова е прашање за кое имаме сериозни и длабоки несогласувања.“

„Укинување на државата“

Со свои реакции по говорот на Иванов, попладнево се јавија и партиите ЛДП и НСДП.

Според ЛДП, „со овој чин Иванов ги аболицира криминалот и диктатурата на власта“. „Актот на Иванов да ги прекине сите кривични постапки што се водат против политичарите во Република Македонија и од власта и од опозицијата, е погазување на правната држава, уривање на уставниот поредок, судството како независна власт, а со самото тоа, дава поддршка на фалсификуваните избори, корупцијата и злоделата на врхушката на власт. Оваа одлука на Иванов де факто значи поништување на Договорот од Пржино и укинување на Специјалното Јавно Обвинителство.“ Од ЛДП го повикуваат Иванов веднаш да поднесе оставка и „да не се обидува да лаже и да ја замајува јавноста дека ова го сторил за да помогне во разрешување на политичката криза“. Партијата ги повика и сите „слободоумни граѓани, поборници за демократијата, првдата и правната држава, кои не се согласуваат со ваквиот преседан на таканаречниот претседател, уште вечерва да го искажат својот став токму пред неговата резиденција“. ЛДП ја повика и меѓународната заедница „да не стои настрана и да не биде нем сведок на уривањето на државата од страна на ВМРО-ДПМНЕ“.

НСДП оцени дека „Иванов со едностран акт ја укина Република Македонија како држава“:

„На 8 септември 1991 година граѓаните прогласија самостојна, суверена и независна Република Македонија, а денеска на 12 април 2016 година, во 15:30 часот, Ѓорге Иванов во својство на претседател на државата со едностран акт ја поништи волјата и ја укина Република Македонија како држава. Со амнестијата на организираниот криминал и аболицијата на криминалците Иванов ги погази сите атрибути на една демократска и правна држава и официјално Македонија ја прогласи за мафијашка држава“, соопштуваат од НСДП.

Реклама