За да се заштитат од изумирање пчелите, птиците и другите животни, до 2030 година под заштита би требало да се стави една третина од површината во Европа, или речиси двојно повеќе отколку сега. Ваквиот план е поднесен од страна на Европската комисија денеска во Брисел, токму на Светскиот ден на пчелите.
За инвестициите во насока на зачувување на биодиверзитетот, ЕК проценува дека ќе бидат потребни 20 милијарди евра годишно, кои треба да дојдат од ЕУ, земјите членки на Унијата и приватни извори. „Природата е животно важна за нашето физичко и психичко здравје, таа го филтрира нашиот воздух и нашата вода, ја регулира климата и ги оплодува нашите полиња. Но, ние се однесуваме како таа да не игра никаква улога и ја губиме во невидено брзо темпо“, изјави еврокомесарот за екологија Виргинијус Синкевичиус по повод претставувањето на планот на ЕК.
За што се’ се заслужни пчелите и како тие функционираат, погледнете во галеријата:
-
Светски ден на пчелите
Вредните пчели опрашуваат стотици цветови дневно
Медоносната пчела (Apis mellifera) е најпознат вид на пчели. Во светот постојат девет видови медоносни пчели. Тука треба да се додадат и 30.000 видови диви пчели. Тие дневно слетуваат на илјада цветови, додека медоносните пчели на околу 300. Пчелите го носат цветниот полен до други растенија и овозможуваат нивно размножување. Инсектите оплодуваат осумдесет проценти од сите растенија кои цутат.
-
Светски ден на пчелите
Комплексен систем
Одомаќените медоносни пчели живеат во своја „држава“. Секоја пчела има одредена улога. Пчелите работнички ја чистат кошницата, водат грижа за потомството, собираат нектар, полен, вода. Нивниот живот е толку исцрпувачки што умираат по 42 дена. Мажјаците трутови имаат само една задача: оплодување на матицата. Благодарение на големите сложени очи тие ги препознаваат во лет.
-
Светски ден на пчелите
Кралица без крал
Таа е значително поголема од својата свита и зазема централно место. Нејзина единствена обврска од март до август е да произведува потомство. Дневно полага и до 1200 јајца и живее три до четири години. Пчелите работнички, кои подигаат легла, од кралицата избираат неколку јајца и одгледуваат едно кое ќе биде нејзин наследник.
-
Светски ден на пчелите
Течно злато
Медот има околу 200 состојки. Пчелите неуморно летаат во текот на пролетта и летото и собираат нектар и цветен полен. Тоа го ценат и луѓето. Тие одгледуваат пчели и собираат мед. А за возврат, инсектите добиваат шеќерен сируп. На пчелното семејство му е потребна храна во кризни времиња.
-
Светски ден на пчелите
Одгледувањето пчели е се’ попопуларно
Без оглед дали станува збор за Њујорк, Лондон или Берлин - многу луѓе се занимаваат со пчеларство од хоби. И, на тој начин спасуваат пчели кои на полињата затруени со пестициди, на големите монокултури и грмушки без цвеќе, наоѓаат се’ помалку храна. Од друга страна, градовите нудат доволно храна зашто во парковите, градините и на терасите на покривите секогаш нешто цути.
-
Светски ден на пчелите
Помош за дивите пчели
Околу 40 проценти од 560 видови диви пчели кои живеат во Германија се загрозени. За да опстанат, потребен им е градежен материјал како глина, песок, земја, иверка, остатоци од растенија... Тие се гнездат на песочно тло или во дрво, а задолжително на сончево и суво место. Потребен им е прилично голем простор со цвеќе - од март до септември.
-
Светски ден на пчелите
Хотел за пчели
Вакви хотели за пчели и други инсекти има се’ повеќе. Но, ваквиот животен простор не е од полза доколку во близина нема соодветна вегетација. Камени пустини и монотони тревни површини им штетат на инсектите. Пестицидите исто така. Тие го оштетуваат нервниот систем и способноста на пчелите за репродукција. За да преживеат и за зачувување на разновидноста на видовите се неопходни разнобојни цвеќиња.
-
Светски ден на пчелите
Лоби за сите пчели
Медоносните пчели се заштитени од нивните пчелари. Но, повеќето од луѓето знаат малку за неопходноста од диви пчели и за условите во кои тие живеат. Според една студија на ОН за биодиверзитет, 40% од сите видови инсекти во светот се загрозени од изумирање. Ако ги нема малите опрашувачи, таа работа ќе мора да ја преземе човекот, и тоа рачно. Неверојатно напорно и скапо.
Автор: Карин Јегер