1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светскиот првак меѓу осумте најдобри на ЕП

18 јуни 2008

Во синоќешната (18.06.08) реприза на финалето од последниот мундијал во Германија, Италијанците ја совладаа Франција со 2:0. Холандија, , не дозволи изненадување во дуелот со Романија

https://p.dw.com/p/EM31
Рејмон Доменек и Роберто ДонадониФотографија: AP

Франција со играч помалку и без Франк Рибери, кој се повреди на почетокот на синоќешниот натпревар, немаше доволно сила да им се спротивстави на Италијанците кои вчера во Цирих беа подобар противник. Францускиот брод започна да тоне по лошиот старт на Франк Рибери, кој всушност самиот се повреди во дуел со еден од противничките играчи. Следуваше црвениот картон за Абидал по направениот пенал прекршок врз Лука Тони. Андреа Пирло стрелаше прецизно од белата точка за водство од 1:0. Вториот гол за Азурите го постигна Даниеле Дел Роси, од слободен удар со помош на Тиери Анри.

Спортскиот експерт на Дојче Велче, Хорст Копел смета дека Италија заслужено победила: „По развојот на натпреварот и исклучувањето на еден француски играч се разбира дека беше тешко. Познато е дека кога Италија прва ќе дојде во водство, речиси е невозможно да се совлада. Затоа мислам дека италијанците заслужено победија„

Италијанците во четвртфиналето за противник ја добиваат Шпанија, која денеска во Салцбург против отпишаната Грција го игра последниот натпревар во групата „Д„

Инаку, Холандија, која засега важи за еден од главните фаворити за највисок пласман, во дуелот против Романија, не дозволи да се случи изненадување. Избраниците на Марко Ван Бастен славеа со 2:0 со головите на Клас Јан Хунтелар и Робин Ван Перси. Романците мораа да победат доколку сакаше да обезбеди место меѓу осумте најдобри.

Холандскиот дефанзивец, Калид Буларуз, по натпреварот изјави дека вториот тим никако не смеел да дозволи лошо издание: „На првите два натпревара со многу тешка работа ги освоивме трите бодови, така што сега не можевме така едноставно да му подариме на тимот победа„

Играчот од средниот ред Нигел де Јонг на победата гледа опуштено: „Овде повторно дојде до израз добрата атмосфера. Меѓутоа ние сме релаксирани, бидејќи многу добро знаеме, дека доколку размислуваме многу за тоа како натаму, работите можат да тргнат на лошо„

Противник на Холандија во четврфиналето ќе биде победникот од вечерашниот дуел во Инсбрук помеѓу Русија и Шведска. Што се однесува пак до германците, ден пред дуелот против Португалија, тимот е соочен со проблеми. УЕФА денеска треба да одлучи дали тренерот Јоаким лев ќе може да се најде на клупата на четвртфиналниот дуел, откако беше исклучен на мечот против Австрија. Дополнителен проблем е и неизвесниот настап на Торстен Фрингс, кој го повреди реброто и болките во ногата кои ги чувствува Лукас Подолски.