Светска Банка: Прекинатата политичка криза ја придвижи економијата | Северна Македонија | DW | 09.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Светска Банка: Прекинатата политичка криза ја придвижи економијата

Македонската економија ќе расте но сепак побавно во споредба со регионот. Сигналите се позитивни, но допрва претстои да се сработи и домашната задача, сметаат дел од експертите.

Светска банка ја задржува проекцијата за перформансите на македонската економија. Во најновиот извештај на оваа меѓународна финансиска организација, се прогнозира дека македонската економија годинава има капацитет за раст од 2.9% што е идентично со прогнозите од октомври лани. Стабилизирањето на политичката криза во земјата е клучен фактор што ќе има позитивно влијае на економијата. Оттука и прогнозата дека 2018 ќе заврши онолку колку и што се прогнозираше:

„Македонија ќе ја заврши 2018 година со раст на економијата од 2,5 отсто, а тој е резултат на прекинувањето на продолжената политичка криза, со што се подобри и сигурноста на инвеститорите“, пишува во извештајот на Светска банка.

Власта да покаже храброст

За разлика од 2019, за наредната 2020, Светска банка очекува растот да забрза и да достигне 3,2 отсто. Идентичен тренд треба да се очекува и за 2021 година кога прогнозите за растот на БДП се позиционирани на 3,3 отсто. Експертската јавност не е изненадена од ваквите прогнози за кои сметаат дека се базирани врз сериозни методи и анализи:

Повеќе на темата:

-Челичната војна Трамп-ЕУ ја тресе и Македонија

-Буџетот е рекорден, но колку реално и остварлив!?

-„Македонија веќе сега е успешна економска приказна“

„Светска банка и останатите меѓународни институции користат современи методи за предвидувања. Тие претходно добро ги имаат утврдено факторите кои влијаат на растот, и оттука произлегуваат и нивните прогнозите. Тоа се прогнози кои најчесто се со 95% сигурност доколку нема промени и доколку се остварат очекувањата и претпоставките. Не би коментирал околу методите и техниките, но станува збор за научни техники и методи кои се објективни и најчесто се потврдуваат во пракса“, коментира Зоран Ивановски универзитетски професор и претставник на првата Бизнис клиника во Македонија.

Во вакви услови според него е многу значајно власта да остане фокусирана на клучните политички и економски приоритети, но и да покаже храброст за промени во економскиот модел:   

„Останува домашната задача навистина да се стабилизира политичкиот амбиент. Доколку државата влезе во НАТО тогаш фокусот на Владата ќе биде на економскиот раст и користењето на буџетските средства за негова динамизација. Во такви услови се уште има празен простор и за раздвижување на економијата, можно е да се очекуваат такви стапки на раст, но сепак потребно е да се размисли за други модели за водење на економијата затоа што единствено потпирањето на буџетските средства не е доволно. Важно е и   да се охрабрат и приватните инвестиции. Овој амбиент е за мене многу поважен“, коментира Ивановски.

Побавно од земјите во регионот

Сепак, прогнозите на Светска банка се пониски од оние на владата и монетарната власт според кои Македонија годинава треба да оствари раст од 3,2%, односно 3,5% од БДП. Македонската економија, во следните години, ќе расте побавно во споредба со земјите во регионот. Највисок раст во 2019 година во регионот ќе забележи Косово од 4,5 отсто, Албанија (3,6), Србија (3,5 отсто), Босна и Херцеговина (3,4 отсто), Бугарија (3,1), а Црна Гора и Хрватска ќе имаат раст од по 2,8 отсто. За разлика од македонската, прогнозите за светската економија се помалку оптимистички. Глобалниот раст годинава ќе се намали од првичните 3, на 2,9 отсто. Трендот ќе продолжи и во 2020 и 2021 кога прогнозите за растот се позиционирани на 2.8%. Ова според Светска банка се должи на послабата трговија и инвестициски циклуси. Еврозоната пак која важи и за главен трговски партнер на македонската економија годинава ќе забележи раст од 1,6 отсто додека во наредните две години ќе порасне за 1,5 и 1,3 отсто.

DW.COM

Реклама