Света Софија: Се затвора музејот, се отвора џамијата | Свет | DW | 24.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Света Софија: Се затвора музејот, се отвора џамијата

По 86 години, во Света Софија овој петок првпат ќе се одржи молитва. Тоа што некогашната христијанска црква, од музеј повторно станува џамија, го критикуваат многумина и во Турција.

Според наводите за турската Служба за верски прашања (Дијанет) на денешната петочна молитва во Света Софија ќе присуствуваат 500 луѓе. Илјада посетители се очекуваат на Плоштадот султан Ахмед пред објектот. Турските медиуми јавуваат дека за безбедноста на џамијата ќе се грижат 17.000 полицајци. Во текот на церемонијата ќе бидат покриени христијанските статуи, икони и фрески во црквата, џамија или музеј.

Само пред две недели турската влада доби дозвола за Света Софија да ја пренамени и претвори во џамија. Врховниот управен суд на Турција на 10. јули донесе одлука дека црквата може да стане џамија.

Политика под куполата

Монументалниот објект и архитектонско монументално дело, кое во шестиот век по Христос го изградил византискиот цар Јустинијан, постојано била предмет на симболичка политика. Кога Османлиите во 1453. година го освоиле Константинопол, султанот Мехмед Втори црквата веднаш ја претворил во џамија.

Основачот на модерна Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, го искористил божјиот дом за чин со високо симболичко значење. Тој во 1935. година од Аја Софија направил музеј. Модерна Турција е секуларна држава, гласела тогашната порака.

Повеќе на темата:

Света Софија: „Демонстрација на моќ на Ердоган“

Света Софија ќе стане џамија – шаховски потег на Ердоган за останување на власт

„Срдечни честитки“ од Ердоган: Света Софија ќе стане џамија

Света Софија: денес музеј, утре џамија?

Симболичкото значење на ова светско културно наследство го користи и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. За многумина негови националистичко-исламистички избирачи, Света Софија е симбол на освојувањето на христијанскиот Константинопол од страна на Османлиите и супериорноста на исламскиот свет.

„Освоена со сабја"

Иницијативата на турската владејачка Работничка партија (АКП) ја следи национаистичка реторика. „Света Софија е наша географска сопственост. Оној кој ја освоил со сабја, има право и на сопственост", изјави заменикот претседел на АКП, Нуман Куртулмус: „Света Софија е дел од нашиот суверенитет."

Владејачката партија беше сигурна во победа и пред донесувањето на судската одлука. На 567-годишнината од освојувањето на Цариград, еден имам во Света Софија читаше сури од коранот. Во турската јавност уште тогаш се шпекулираше дека одлуката е веќе донесена и дека се во прашање први подготовки.

Критика од православната црква

Овој експеримент отвори нови ровови. Вселенскиот патријарх Вартоломеј остро реагираше на претворањето на Света Софија во џамија.

Света Софија е еден од најзначајните споменици на човечката цивилизација и таа не припаѓа само на непосредните сопственици, туу на „целото човештво", изјави патријархот на литургија во Истанбул.

Никола Узуноглу, претседавач на Здружението на Турци со грчко потекло, за Дојче веле уште пред одлуката на судот изјави дека е погрешно тоа што Света Софија се користи за политички поткусурувања. Тој истакна – овој објект претставува симбол на мирот меѓу религиите и цивилизациите.

Повици за помош од папата Франциско

Промената на намената на Света Софија остро ја критикуваше и Руската православна црква. „Ова е оглушување на загриженоста на милиони христијани", изјави Владимир Легоида од Московската патријаршија за руската новинска агенција Интерфакс. „Одлуката на судот покажа дека се игнорирани сите барања."

Претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу го замоли папата Франциско во спорот околу Света Софија да го искористи своето меѓународно влијание. Турската влада мора да ја ревидира својата одлука и повторно да го врати статусот на овој објект како споменик на културата, гласи молбата на Сакеларопулу до папата, како што пренесуваат грчките медиуми.

Папата Франциско веќе во неделата по одлуката за промена на намената на Света Софија на Плоштадот Свети Павле во Рим рече дека чувствува „голема болка" кога ќе помисли на заштитниот знак на Истанбул.

Една зграда, две религии

Загриженост поради пренамената на музејот е присутна и во академскиот свет. „Вакви градби во светот можат да се набројат на прстите од една рака, тие мора да се сочуваат", изјави историчарот Едхем Елдем од истанбулскиот Богазичи универзитет. Притоа, Света Софија е заедничко универзално културно наследство. „Зар ова наследство ќе го заградиме и сокриеме или сепак ќе му го презентираме на светот?", прашува Елдем.

„Овој објект веќе 1.500 години им служи на две светски религии, а да не морало да биде архитектонски целосно променет", изјави историчарот Едхем.

Додуша, по турското освојување, на христијанската црква ѝ се доградени минариња.

Но, ова наследство се чини дека претседателот Ердоган сака целно да го искористи. И изборот на проповедник за првата петочна молитва е политички знак: претседателот на Дијанет Али Ербас е познат по своето конзервативно толкување на исламот.

Врховниот исламски авторитет на Турција и во април годинава, по една проповед во текот на Рамазан потпадна под жестока критика. Причина: Ербас за избивањето на заразата со коронавирус ги обвини хомосексуалците и оние кои не се мажени или женети.