Света Софија: денес музеј, утре џамија? | Свет | DW | 30.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Света Софија: денес музеј, утре џамија?

Постојат навестувања дека Света Софија во Истанбул, која денес е музеј, може повторно да биде ставена во функција на џамија. За време на Рамазан таму втора година по ред беа читани извадоци од коранот.

За време на Рамазан, турската Управа за верски прашања, Дијанет, организираше читање од коранот и молитви во Света Софија, некогашната најголема џамија во светот, но која веќе 80 години претставува музеј. Читањето сури од коранот и молитвите беа пренесувани и преку телевизијата и тоа втора година по ред.

Грчката влада изрече осуда на ова. „Света Софија припаѓа на Светското културно наследство на УНЕСКО“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи. „Обидот, преку читање извадоци од коранот, Света Софија да биде пренаменета во џамија, е навреда на меѓународната заедница, која треба да реагира на неа.“ Алармирана е и Конференцијата на европските цркви, КЕК.

Факт е дека турски националистички групи одамна се обидуваат музејот повторно да го претворат во џамија, независно од променливата историја на објектот. Во 537. година Јустинијан, источноримскиот цар организирал посветување на објектот кој речиси илјада години служел како христијанска црква, сѐ додека Мехмед Втори во 1453. година не го освоил тогашен Константинопол и Света Софија не ја претворил во џамија. Тој бил првиот кој во неа изрекол муслимански молитви. Во текот на времето биле доградени четири минариња, а куполата била извишена до 56 метри.

Bildergalerie Hagia Sophia (Getty Images)

Христијански траги во Света Софија

Културен шок

Речиси 500 години објектот бил во функција на џамија. Во 1935. година, Мустафа Кемал Ататурк, основачот на турската република, ја пренаменил во музеј, јасен сигнал на неговата решеност земјата да ја претвори во секуларна држава. За таа цел тој ги укинал и највисоките верски и политички институции на исламот, калифатот и султанатот.

Исламот, истакнувал Ататурк, ги отуѓил Турците од нивниот првичен идентитет: „Во такви околности, турската нација наликува на оние кој напамет го научиле коранот, без да го разберат значењето на и еден единствен збор, па станале сенилни.“

„Мачни сеќавања“

Радикалното трансформирање на Османското Царство во секуларна Република, извршено во 1923. година, до денес ги боли многумина Турци. Секуларниот турски писател Орхан Памук во својата мемоарска книга „Истанбул“ опишува дека дури и во западно ориентираните семејства, како неговото, и по основањето на Републиката, останале сеќавањата на османлиското време. „Тажните сведоци на една култура во изумирање се среќаваа насекаде“, се присетува писателот, роден во 1952. година, на времето на својата младост. „Стремежот кон европеизација се чини дека не извираше толку од поривот кон модернизација, колку од желбата за што е можно поскоро отарасување од остатоците на пропаднатата империја, поврзани со болни сеќавања. Адекватна би била споредбата со некој, кој по смртта на својата прекрасна љубена, сака што поскоро да се ослободи од нејзината облека, нејзиниот накит и да ги фрли нејзините фотографии, за да не го надвладеат спомените.“

Mustafa Kemal Atatürk (AP)

Основачот на модерна Турција, Ататурк

Меланхолија и злоупотреба

Оваа делумно прикриена, делумно јавна болка, денес им е од корист на радикалните националистичко-исламистички групи. Желбата за враќање кон исламот, сѐ посилно видлив во јавноста, во неговата екстремна варијанта, која стреми дури и кон повторно воведување на калифатот, одамна стана топка која ја подзедоа политичките партии.

Дискусијата во врска со Света Софија беше иницирана прво од ултранационалистичките групи. По нив следеше десноориентираната Партија на националистичкото движење, МХП, која пак со своите барања, ја поттикна и АКП, Партијата на правдата и развојот на претседателот Ердоган. Овие две партии се натпреваруваат околу наклоноста на конзервативните гласачи.

Во 2013. година Националната турска студентска унија стартуваше кампања со собирање потписи за повторно користење на Света Софија као џамија. Акцијата заврши на 29. мај 2014. година, денот на освојувањето на Константинопол. Во таа прилика политичарот од АКП и заменик-премиер Булент Аринч изјави: „Гледаме во една жална Света Софија и го молиме бога, да не бидат далеку деновите кога таа повторно ќе биде насмеана.“ Света Софија, гласеше пораката, ќе се смее кога повторно ќе стане џамија.

За пренаменување на Света Софија во џамија со години силно се залага и Анадолското младинско здружение. Неговиот истанбулски шеф Али Угур Булут во интервју за „Шпигел“ уште во јуни 2014. година изјави дека објектот не е само симбол на Истанбул, туку и „симбол на исламското освојување на Константинопол во 1453. година. Сметам дека е наша задача да го штитиме ова исламско наследство. Света Софија мора повторно да стане џамија!“

Празни џамии

Се чини, ова гледиште го присвои и турската влада, предводена од Ердогановата АКП. Таа остро реагираше на грчката критика поради читање од коранот во Света Софија. „Наместо да му го честита на турскиот народ светиот месец Рамазан, грчкото Министерство за надворешни работи реши да го изобличува читањето од коранот и молитвите“, се вели во соопштението од турското Министерство за надворешни работи, објавено во петокот.

Ваков став АКП не застапуваше од секогаш. Нејзиниот лидер, претседателот на државата, Ердоган, околу пренаменувањето на Света Софија во џамија, пред повеќе години имаше сосем понаков став. Оние кои настапуваат со такви барања, аргументираше тој тогаш, би требало да се погрижат за останатите џамии во Истанбул повторно да бидат полни во време на молитвите

 

Реклама