Свежи ЕУ-милијарди помош за Грција | Економија | DW | 23.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Свежи ЕУ-милијарди помош за Грција

ЕУ-министрите за финансии одобрија натамошни 6,7 милијарди евра помош за Грција, која според оценките направила напредок во реформите и ги спровела речиси сите предвидени мерки.

По долгогодишната криза, Грција се приближува кон крајот на меѓународната финансиска програма за помош,  налето таа конечно ќе биде минато. ЕУ-министрите за финансии овозможија чекор во таа насока, давајќи зелено светло за исплата на 6,7 милијарди евра помош на високо задолжената земја. Тие ќе бидат исплатени во февруари, доколку бидат исполнети уште некои од реформските зафати, чија главнина, според оценката, е веќе реализирана. „Еврогрупата ја повикува грчката влада брзо да ги примени преостанатите приоритетни реформски и мерки на штедење, побарани од кредиторите“, се вели во соопштението на министрите.

Повеќе на темата: 

Меѓу мерки за штедење и порозна економија

Грција: Уште едно стегање на ременот

Грција, која во повеќе наврати беше спасена од државен банкрот, од 2010. година зависи од помошта на меѓународните кредитори. Во 2015. година Атина со ЕУ-партнерите договори трет пакет финансиска помош во волумен до 86 милијарди евра. Неговото постапно исплаќање е поврзано со одредени услови. Досега на Грција ѝ се префрлени околу 40.2 милијарди евра, а за возврат земјата мораше да спроведе бројни решавачки резови во форма на радикални реформи и мерки за штедење. Со оглед на тоа што грчката економија во последниот период бележи мал пораст, експертите сметаат дека Атина нема да има потреба од целокупната кредитна сума.

Грчкиот парламент неодамна усвои обемен пакет реформи, меѓу другото и ограничување на правото на штрајк. ЕУ-министрите за финансии ја притискаат Атина да го забрза темпото пред сѐ кај приватизацијата. Земјата и натаму е рекордер во задолженоста меѓу ЕУ-државите, со 180 проценти од економскиот учинок.

Грција планира до август да застане финансиски на сопствени нозе и да може да се врати на финансиските пазари.

 

DW.COM

Реклама