Саудискиот принц лично го наредил убиството на Кашоги? | Свет | DW | 17.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Саудискиот принц лично го наредил убиството на Кашоги?

Сознанијата на ЦИА велат дека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман лично го наредил убиството на Џамал Кашоги, пишува весникот „Вашингтон пост“

Американскиот весник пишува дека американскататајна служба ЦИА ги анализирала телефонските разговори на Кашоги и братот на саудискиот престолонаследен принц, Калид бин Салман, кој е амбасадор во САД. Во тој разговор наводно на Кашоги му е порачано дека без никаква опасност може да отиде во саудискиот конзулат во Истанбул за да подигне документи. 

Повикот бил направен по наредба на принцот Мохамед бин Салман, де факто вистинскиот управувач со Саудиска Арабија, тврди „Вашингтон пост“, притоа повикувајќи се на сознанија на ЦИА. Според весникот, засега е нејасно дали амбасадорот знаел за планот за егзекуција.

Калид бин Салман негира ваков разговор. Тој на Твитер напиша дека последне контакт со Кашоги имал преку порака испратена уште во октомври минатата година. „Никогаш со него не сум разговарал телефонски и секако не сум му предлагал од било каква причина да отиде во Турција. Ги молам американските власти да ги објават информациите поврзани со ова тврдење“, напиша братот на престолонаследникот.

Дали било планирано само киднапирање?

„Вол стрит журнал“ исто така пишува за овој случај, повикувајќи се извор од ЦИА, според кого убиството на новинарот и дисидент Џамал Кашоги не било можно без вмешаност на престолонаследникот Мохамед бин Салман.

Од другастрана, според весникот „Њујорк тајмс“, ЦИА ги темели своите сознанија врз основа на телефонскиот разговор на тимот кој го ликвидирал Кашоги и блиски соработници на престолонаследникот. Од тие разговори може да се заклучи дека принцот Бин Салман сакал да го намами Кашоги назад во Саудиска Арабија, но не и дека наредил негово убиство.

Кашоги беше убиен на почетокот на октомври во конзулатот на својата земја во Истанбул, каде отишол да подигне документи потребни за склучување брак. Дури под силниот меѓународен притисок кралската куќа во Ријад ги промени своите првични верзии и призна дека колумнистот на „Вашингтон пост“ е убиен во конзулатот, но наводно непланирано, во текот на ескалирана кавга.

 Jamal Khashoggi (imago/IP3press/A. Morissard)

Телото на убиениот Кашоги не е пронајдено

Веднаш потоа турскиот дневен весник „Сабах“, близок до  претседателот Реџеп Таип Ердоган,  објави фотографии на 15-мина Саудијци кои пристигнале во Истанбул заради извршување грабнување или убиство на Кашоги. Посебно внимание меѓу нив привлече еден форензичар, Салах Мухамед ал Тубаиги, зашто ако убиството не било планирано, зошто Ријад би испраќал патолог? Тонските снимки од саудискиот конзулат до кој стигнале турските служби  потврдуваат дека Кашоги е убиен. Неговото тело не е најдено. 

Трамп под притисок

Државното обвинителство на Саудиска Арабија започна постапка против петмина обвинети за кои се бараат смртни казни. Еден од убијците кои по задача допатувале во Истанбул наводно по враќањето во татковината загинал во сообраќајна несреќа. Според верзијата на обвинителството, а во која малку кој верува, принцот Мохамед бин Салман не знаел за злосторството.

САД планираат санкции против 17 државјани од Саудиска Арабија, но првите информации велат дека меѓу нив не се членови на кралското семејство. На листата наводно ќе се најдат бивш висок советник на престолонаследникот и генералниот конзул на земјата во Турција.

Доналд Трамп, кој на почетокот на својот мандат договори рекордна продажба на оружје на Саудиска Арабија, исто така е под сѐ поголем притисок за посилно да се дистанцира од омилените сојузници на Блискиот Исток.

 

DW.COM

Реклама