Саудискиот принц ветува „умерен ислам“ | Свет | DW | 25.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Саудискиот принц ветува „умерен ислам“

Саудискиот принц престолонаследник Мохамед бин Салман никогаш досега не се изјаснил толку јасно околу иднината на земјата: ултраконзервативната монархија треба да стане поумерена, ветува тој.

Саудискиот принц Мохамед бин Салман на конференција во Ријад се заложи за либерализација на ултраконзервативното кралство: „Ќе се вратиме кон она какви што бевме - умерен ислам, отворен за светот и за сите религии.“

Проследен со аплауз на присутните, принцот додаде: „70 проценти од жителите на Саудиска Арабија се помлади од 30 години. Искрено, нема да трошиме 30 години од нашиот живот за да се занимаваме со екстремистички идеи. Ќе ги уништиме денес и веднаш.“ Според принцот, населението во државата сака нормален живот.

Саудиска Арабија е променета од 1979 година, оцени Бин Салман. Со тоа тој очигледно повлече паралела со окупирањето на Големата џамија во Мека во 1979 година од страна на радикални исламисти. Се бараше оставка на кралот Халид и создавање „вистинска исламска влада“. Подоцна армијата на Саудиска Арабија ја нападна значајната џамија, но земјата се промени, а општествената либерализација беше потисната.

На принцот Бин Салман, кој поради староста на татко му, кралот Салман, важи за неофицијален владетел во земјата, му се припишуваат низа мерки за отворање на општеството во последните месеци. Најзначајна промена е дозволата за жените да возат автомобили.

Во Саудиска Арабија престолонаследникот важи за носител на надеж, за човек кој ќе ја води земјата кон модерно општество. Во меѓународни рамки, меѓутоа, тој е мета на големи критики поради агресивните потези, како воената кампања на Саудиска Арабија во Јемен. Бин Салман се товари и за блокадата со која во последните месеци е соочена соседната држава Катар.

DW.COM

Реклама