Саркози мора на суд поради аферата со поткуп | Свет | DW | 30.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Саркози мора на суд поради аферата со поткуп

Поранешниот француски претседател Никола Саркози е соочен со судски процес. Против него е покренато обвинение за „корупција“ и „вршење илегално влијание“.

Никола Саркози се товари дека во 2014 година преку својот адвокат Тјери Херцог се обидел да поткупи обвинител за да дојде до важни информации. Според обвинението, тие се обиделе да добијат тајни информации за постапка која била во тек. Саркози тогаш од правосудството барал враќање на својот календар кој бил запленет поради т.н. Бетанкур-афера. На обвинителот Жилбер Азиберт тогаш, како што се тврди, за соодветни информации му била понудена престижна функција во Монако, која инаку тој никогаш не ја добил. Во Франција е казнив и самиот обид за поткуп. Сега обвинение е подигнато и против Херцог и Азиберт.

Според одлука од октомври 2013 година, Саркози не мораше да одговара пред суд во аферата со корупција околу наследничката на „Лореал“, Лилијан Бетанкур. Истражните судии надлежни за случајот немаа доволно докази дека конзервативниот политичар ја искористил деменцијата на милијардерката за да дојде до пари за својата кампања во 2007 година.

Адвокатите на Саркози сега најавија дека ќе се жалат на одлуката за покренување обвинение и соопштија дека се „огорчени“ од постапките против конзервативниот политичар кој беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година.

Frankreich Sarkozy (Reuters/B. Tessier)

Никола Саркози е соочен со повеќе обвиненија

Саркози е вмешан во низа афери. Минатата недела беше обвинет поради сомневање за милионска донација која ја добил од тогашниот либиски властодржец Гадафи за изборите во 2007 година.

Повеќе:

Дали Гадафи ја финансирал кампањата на Саркози?

Саркози: Јас сум жртва на клевети

Нерегуларности имало и во касата на предизборната кампања во 2012 година. Тогаш Саркози, кој инаку на изборите загуби од Франсоа Оланд, значително ја надминал законски дозволената граница на буџетот од 22,5 милиони евра. Неговата конзервативна партија се обидела тоа да го сокрие преку систем на лажни сметки во милионски износ. Поради илегално финансирање на кампања е подигнато обвинение против Саркози, а датумот за почеток на судски процес сѐ уште не е утврден.

DW.COM

Реклама