„Сан“: најмалку 65 исчезнати или загинати во пожарот во Лондон | Свет | DW | 16.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Сан“: најмалку 65 исчезнати или загинати во пожарот во Лондон

Сѐ уште никој не знае, колку точно луѓе загинаа во катастрофалниот пожар во лондонската висококатница. Булеварскиот весник „Сан“ сега објави листа на исчезнати во големата несреќа.

Британскиот весник „Сан“ денеска ги објави имињата на 65 луѓе кои се водат како исчезнати и се стравува дека загинале во пожарот во станбениот облакодер во западен Лондон. Според досегашните информации на полицијата во катастрофата загинале 17 луѓе и се очекува таа бројка да расте.

Запрашан вчера дали бројката на загинати би можела да премине 100, началникот на лондонската полиција Стујарт Канди изјави „Се надевам дека тоа нема да биде троцифрена бројка“.

Канди истакна дека потрагата и идентификацијата би можела да трае со недели. Според него, дури постои и можност, некои жртви никогаш да не бидат идентификувани. Потрагата по преживеани во целосно опожарениот станбен комплекс Гренфел Тауер се одвива многу тешко а е опасна и за спасувачките екипи.

Од досега потврдените 17 загинати, шест биле пронајдени надвор од зградата и биле идентификувани. Останатите 11 жртви се локализирани, но спасувачите сѐ уште не можат да ги извадат од зградата, соопшти противпожарната служба.

Исто така и натаму останува непозната причината за пожарот. Не може да се исклучи ни подметнување на пожарот, ниту технички дефект или пак друга причина. Британската премиерка Тереза Меј најави независна комисија за истражување на огнената катастрофа, за да се разјасни дали противпожарната заштита на објектот била несоодветна

„Мора да знаеме , што се случи и потребни ни се објаснувања“, истакна Меј. „Им го должиме тоа на семејствата, на луѓето, кои ги загубија своите најмили и нивните домови“.

И градоначалникот на Лондон Садик Кан вети сѐопфатна истрага. Жителите на зградата наводно се жалеле на недоволната противпожарна заштита во објектот, кој е изграден во 1974 година а бил саниран од 2014 до 2016 година.

 

DW.COM

Реклама