Санкции со далекусежни последици? | Свет | DW | 20.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Санкции со далекусежни последици?

Одлуката на САД да воведе санкции против Додик би можела, според проценките на аналитичарите, да има далекусежни последици за претседателот на Република Српска и за целата политичката динамика во БиХ и во регионот.

„Милорад Додик сега е во друштво на Насер Келменди и слични живописни ликови и тоа е круната на неговото децениско владеење“, оценува за ДВ, политичкиот аналитичар од Сараево, Аднан Хускиќ. „Изјавите на неговите советници, со кои се минимизира ваквата одлука и и се препишува одмазднички карактер на американската администрација во заминување, во голема мера ја игнорираат комплексноста на процесот со кој Додик е ставен на црната листа. Дури и администрацијата на Доналд Трамп да одлучи да го отсрани Додик од црната листа - како што неговите советници кажуваат дека ќе се случи – за тоа ќе бидат потребни години. Меѓутоа, ако знаеме какво релативно неважно место зазема целиот регион и БиХ во приоритетите на надворешната политика на САД, ваквото размислување е знак на сериозна мегаломанија", вели Хускиќ.

Проширување на санкциите и за соработниците на Додик?

„Таквото разбирање на глобалните односи го доведе Додик и неговите поданици во оваа ситуација", вели Хускиќ. „Тие ги сфатија бавните реакции како поддршка на нивните потези, ги игнорираа суптилните сигнали од сите страни и влегоа во директен конфликт со американските дипломати. Додик, веќе некое време живее со убедувањето дена е недопирлив, а таа перцепција ја засилуваа и климоглавците со кои е опкружен. Сигурно е дека оваа мерка ќе предизвика значителна нервоза во кругот на луѓето околу Додик во страв од проширување на санкциите и врз други лица, а може и врз бизнисите со кои управуваат“, вели Хускиќ.

Нашиот соговорник смета дека опозицијата во Република Српска сега мора да бара објаснување за буџетските пари потрошени за лобирање во Вашингтон, а исто така и да бара одговорност за „катастрофалните“ ефекти на децениското владеење на Додик. Хускиќ смета дека одлуката на американските власти ќе ги поттикне „тромавите“ европски земји. „Ако во ова ги вклучиме јасните пораки на германските претставници кон хрватските колеги, во врска со улогата на Хрватска во стабилизацијата на регионот, се поставува прашањето какво влијание ќе има ова врз оската Додик-Човиќ, т.е. дали „најголемиот евројпанин“ во БиХ, имајќи го предвид фактот дека Додик е на црната листа на САД, ќе остане негов верен сојузник", прашува Хускиќ.

Дали Европејците ќе ги поддржат САД?

Критичарите на Додик не се оптимисти кога станува збор за можното намалување на поддршката на Додик во Република Српска. „Граѓаните на Република Српска директно страдаат поради потегот на Додик. Со цел да го заштити личното богатство, тој врз себе навлече санкции од САД. Се разбира, тоа нему ништо не му значи. Поразително е тоа што луѓето ќе продолжат да го поддржуваат во неговите егоистични, себични и провокативни намери. Останувањето на власт нема цена. За жал, на штета на луѓето од Српска“, вели за ДВ, колумнистот од бањалучкиот портал Бука, Драган Бурсаќ.

Директорот на „Транспаренси интернешнал" за БиХ, Срѓан Благовчанин, кој и претходно укажуваше на негативните аспекти на работата на претседателот Додик, не е изненаден од мерките на САД. Во изјава за ДВ, тој вели дека очекува со санкции да се приклучат и некои европски земји. „Одлуката беше очекувана, особено со оглед на отвореното спротивставување на Додик на американските позиции во Босна. Додик отворено ги навредуваше американските дипломати. Сега останува да се види дали кон одлуката на администрацијата на САД ќе се приклучат и европските сојузници. Тоа ќе даде дополнителна сила во ваквата промена на политиката на меѓународната заедница. Не сум сигурен дека сите земји на Европската унија ќе го следат овој чекор на Вашингтон, но мислам дека добар дел од земјите-членки на ЕУ ќе го сторат тоа“.

Телевизијата Ал Џазира, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, вчера објави дека ниту една земја членка на ЕУ не предложила приклучување кон американските санкции против претседателот Додик. Ова е епилогот на вчерашниот редовен состанок на работната група на дипломатите од земјите членки на кој се разговарало и за реакцијата на ЕУ во однос на санкциите против Додик. Според информациите на телевизијата, дипломатите го завршиле состанокот „едногласно сложни дека и натаму ќе го следат развојот на настаните во Република Српска“.

Реклама