Само исклучување на Трамп од социјалните мрежи- нема да е доволно | Свет | DW | 12.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Само исклучување на Трамп од социјалните мрежи- нема да е доволно

Фејсбук и Твитер ги блокираа профилите на Доналд Трамп. Станува збор за потег со кој социјалните мрежи се извлекуваат од одговорноста. Тоа не смее да им пројде, смета Мануела Каспер-Клериџ.

Американскиот претседател Доналд Трамп, Голијат на социјалните мрежи - е поразен. Но, за разлика од легендата за Давид и Голијат него не го порази неспоредливо послаб противник. Напротив, го поразија други магнати: Твитер, Фејсбук, Гугл, Епл и Амазон. Јасно ставија до знаење дека тие одлучуваат кој и како смее да изнесува мислења на нивните платформи и тоа го покажаа на примерот на нивниот можеби најпознат корисник.

Следбениците на претседателот во заминување, 88 милиони на Твитер и 35 милиони на Фејсбук кој го следеа профилот@realDonaldTrump веќе нема да може да ги најдат неговите изјави, некогаш расистички и опасни. Претседателот е исклучен и замолчан.

Доналд Трамп своите профили ги користеше како оружје против неистомисленици, а говорот на омраза и лажни вести му беа заштитен знак. Какви последици тоа може да има, се виде по упадот во Капитол во Вашингтон.

Моментален мир

Конечно мир – велат многумина. И јас воздивнав. Но само на момент. Бидејќи ако сакате слобода на говор мора да се помирите со слободата на говор. Ме нервира тоа што мала група на луѓе може да одлучува дали некому ќе му ја затне устата на највлијателните комуникациски платформи.

DW Kommentatorenbild Manuela Kasper-Claridge

Мануела Каспер-Клериџ, авторка на коментарот

Да се разбереме: не зборуваме сега за говорот на омраза или лажните вести – тоа мора да се идентификува и да се означи или избрише. Тоа е задача на платформите кои, додуша неволно почнаа да го прават тоа во последниве месеци.

Повеќе:

-Трамп, оди си од политичката сцена!

-Американската демократија го преживеа Доналд Трамп

-Трамп го осуди „гнасниот упад“ во Капитол

Во мај за првпат Твитер ги обележа со знак на предупредување две пораки на твитер на претседателот. Од тогаш сѐ повеќе негови објави имаа знак за предупредување или дури беа и избришани. Сега сите можеа да видат колку некои изјави на Доналд Трамп биле неосновани и опасни. Ова беше добар потег.

Одговорноста на операторите на платформите

Но гаснење на неговиот профил е премногу лесно решение – операторите на платформите со тоа ја избегнуваат својата одговорност. Дури и без Доналд Трамп, милиони лажни вести, говор на омраза и пропаганда кружи на нивните платформи. Со оглед на тоа, Твитер, Фејсбук и останатите, мора конечно да ја исполнат својата општествена одговорност – тие мора доследно да ги бришат и по потреба да ги класифицираат и идентификуваат лажните вести. 

Да не заборавиме дека овие социјални мрежи се важен инструмент за изразување на мислење, особено во земјите во кои има ограничена слобода на говор и медиуми. Но, не е демократски, ниту пак во согласност со плурализмот, кога неколку шефови на компании, кои всушност се одговорни само пред своите акционери, доминираат на пазарот и ја користат својата моќ да одлучуваат околу слободата на изразување.

Време е оваа фактичка моќ на Фејсбук, Твитер и пребарувачите како Гугл да ја сфатиме сериозно и да ги регулираме демократски и ефикасно. Бидејќи и тие мора да бидат одговорни.

Германија веќе презема првични чекори во оваа насока. Од 1 јануари 2018 на сила стапи Закон (NetzDG) според кој, социјалните мрежи се обврзани да се борат против агитација и лажни вести. Европската Комисија го поздрави законот, а Фејсбук и останатите социјални мрежи во Германија мораше да вработат стотина “модератори на содржини“ кои ги надгледуваат објавите и по потреба ги бришат. Со оглед на огромниот број постови, ова сигурно е само почеток.

Исклучувањето на Доналд Трамп од социјалните мрежи дефинитивно не е правиот пат, бидејќи на технолошките Голијати им овозможува да ја избегнат сопствената одговорност.