Само Ердоган може да ѝ помогне на Турција | Економија | DW | 22.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Само Ердоган може да ѝ помогне на Турција

Треба ли на Турција да ѝ се помогне финансиски? Реакциите на предлогот на шефицата на германските социјалдемократи Андреа Налес со право беа негативни. Бидејќи, само Турција може да си помогне себеси, смета Хенрик Беме.

„ It's the economy, stupid!“ Помина повеќе од четвртина век откако Бил Клинтон со ова сознание стана американски претседател. Дека со добра економија можат да се добијат избори, исто така, знае и Реџеп Таип Ердоган. Па тој беше оној кој на почетокот на 2000 година ја извлече турската економија од длабока криза. Благодарејќи на парите од Меѓународниот монетарен фонд и со храбите реформи. Турција стана омилена за инвеститорите и сакан пазар, а луѓето благодарејќи на економската политика на Ердоган имаа повеќе пари во џеб.

Традиционални економски врски

Германските претприемачи, исто така, во голема мерка се ангажираа во оваа земја на Босфорот. Околу 7.000 се активни во оваа земја и имаат вработено над 120.000 луѓе. Меѓу нив се и големи имиња: Бош, Фолксваген, МАН, Алијанс и БАСФ (дури од 1880 година присутна во земјата), односно кремот на германската економија. Но, и многу средни компании видоа во Турција активно место за бизнис. Не е никакво чудо со оглед на тоа дека економските врски меѓу овие две земји имаат долга традиција. Имено, Фридрих Велики уште во 1761 година направи трговски договор со султанот Мустафа III. 100 години подоцна многу германски трговци и занаетчии отидоа во Турција. Т.н. „босфорски Германци“ одиграа голема улога во проширувањето на трговските врски. Како противтежа, по Втората светска војна стотици илјади Турци дојдоа во Германија. Како т.н. „гастарбајтери“ имаа голем дел во германското економско чудо.

Boehme Henrik Kommentarbild App

Хенрик Беме, автор на коментарот

И сега оваа криза. Падот на лирата Турција на пазарот ја прави помалку атрактивна. Инвеститорите одамна почнаа да го повлекуваат капиталот од земјите со забрзан економски развој како Турција. Бидејќи, САД, откако тамошната Централна банка ги промени царинските стапки, изгледаат како поатрактино место. Причина пак за вртоглавиот пад на лирата е пред сѐ автократската политика на претседателот на Турција.

Тој може колку сака да зборува против „злите пазари“ или „меѓународното царинско лоби“ и сето тоа да го нарекува „американска кампања“, но некој како Ердоган не може да ги одбегне економските причини.

Работите со Бога

Со своите тврдења „вие го имате доларот, ние го имаме Бог“, Ердоган во никој случај не може да добие доверба од инвеститорите. Токму поради тоа што и Турција е земја која зависи од меѓународната трговија, не би требало да зборува против доларот и еврото. Тоа повеќе изгледа како очај, отколку како обид да се поврати довербата.

На Турција не може да ѝ помогне Германија и германската економија. Тоа го може само претседателот. Тој мора да се погрижи за стабилност за да може на фирмите и на инвеститорите да им обезбеди сигурност, но пред сѐ правна сигурност. Тој мора да ја почитува независноста на централната банка, а не да ѝ диктира да ги намали каматите за да може да се држи инфлацијата под контрола. Тоа така не функционира.

Германските претприемачи во секој случај внимателно ја следат состојбата и размислуваат за својот натамошен ангажман. Во прв ред средните прретпријатија мора добро да калкулираат, ако на пример суровините или машините поскапат со оглед на тоа дека трговијата се одвива во долари. Така производителите на текстил или спортска опрема би можеле брзо да бидат принудени производството да го префрлат во Азија. Тоа би требало да му биде јасно и на претседателот Ердоган. Но, кога ќе се опкружиш само со такви кои ти велат само критичарите да ги ставаш во затвор, тогаш е сосема можно, опиен од сопствената идеологија, економската разумност да ја замениш со вербата во Бога. 

Немам ништо против Бог, но тоа не е доволно во економските прашања.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама