Само еден новинар ја одбил понудата за безбедносен сертификат | Северна Македонија | DW | 28.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Само еден новинар ја одбил понудата за безбедносен сертификат

Новинарите кои на иницијатива на Кабинетот на Иванов потпишале барања за безбедносен сертификат, сега бараат нивно поништување. Единствен од поканетите кој ја одбил понудата, е новинарот на ТВ „21“, Фуркан Салиу.

Некои медиуми веќе побарале од нивните новинари да се откажат од барањето за добивање безбедносен сертификат што им го сервирал кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, а други денеска ќе се консултираат со Здружението на новинари на Македонија како да постапат, исто така, со цел да ги поништат веќе потпишаните барања. Ова е епилогот од епизодата во која биле инволвирани дваесетина новинари, на кои во јануари им биле понудени безбедносни сертификати од Кабинетот на Иванов, со цел во име на транспарентноста да можат да присуствуваат на седници на Советот за безбедност за одредени прашања, но да не објавуваат доверливи информации од нив. Единствен од поканетите кој не го потпишал барањето за добивање безбедносен сертификат, е новинарот на ТВ „21“, Фуркан Салиу (на насловната фотографија).

„Од Кабинетот на Претседателот се јавија телефонски да не повикаат на брифинг. И самиот се зачудив што ќе има брифинг кај Претседателот, зашто тоа не беше практика досега, а и кога праќаат официјална покана - ја праќаат на службениот мејл. Неколку дена пред поканата за брифинг, јас направив тема за тоа колку потрошиле во три години за сервисирање на службените возила. Чекав одговор од Кабинетот, но не добив. Отидов на брифинг, ни наредија телефоните да ги оставиме долу, во пријавницата, а со мене во група беа уште пет новинари. Во салата нѐ чекаше младо момче од Кабинетот, а на масата стоеја пенкала и листови подготвени за потпишување. Тогаш се појави Синиша Алексовски, советник за нацинална безбедност на Претседателот, личност за којашто многу се пишуваше по настаните од 27-ми април“, раскажува Салиу.

Стара практика, нови клиенти

На средбата, Алексовски им објаснил на новинарите зашто се повикани и побарал од нив да ги потпишат документите што стојат на масата.

 Furkan Saliu, Journalist bei TV 21, Skopje, Mazedonien (Furkan Saliu)

Салиу: Што ќе ми е сертификат за пристап до документ за којшто не ќе можам да пишувам?

„Ни кажа дека нема потреба да се пишува за брифингот, и дека, ако ни обезбедат пристап до класифицирани документи, нема да можеме да ги цитираме или да објавуваме вести за нив. Еден од колегите се двоумеше дали да потпише, но на крајот и тој и другите потпишаа. Помислив - јас сум новинар. Што ќе ми е сертификат за пристап до документ за којшто не ќе можам да пишувам? Додека зборуваше Алексовски го прекинав, и му реков: 'Ако е ова причината зошто сте нѐ повикале, јас немам потреба да го потпишам овој документ. Со денови не обезбедивте одговор за тоа колку сте потрошиле за сервисирање на возила, никогаш не сте одговориле на мое прашање, така што нема потреба од ваква соработка'“, реагирал Салиу, заминал од брифингот, и за сето тоа го информирал главниот уредник. Подоцна од уредниците дознал дека од Кабинетот на Претседателот се јавиле да се пожалат на неговиот однос, кој го оцениле како „некоректен“.

Групата новинари во кој бил поканет и Салиу, не била единствена. Имало три групи, односно, околу дваесетина новинари добиле понуда и потпишале барање за добивање безбедносен сртификат. Како што дознава ДВ од извори упатени во постапката, ова и не било „новост“. Наводно, истото се случувало и во изминатите години, но за новинари од медиуми под контрола на партијата што го номинираше Иванов за претседател. 

Консултативна средба во ЗНМ

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Насер Селмани, денеска ќе се сретне со новинарите кои побарале консултативна средба со цел да ги поништат барањата за безбедносен сертификат. Ваквата постапка на Кабинетот на претседателот, ЗНМ пред два дена ја оцени како обид за притисок и контрола врз медиумите, а на новинарите им порача да се откажат од сертификатите.

„Сметаме дека доделување на вакви сертификати за новинари од безбедносни служби претставува притисок врз новинарската професија затоа што новинарите од стожери на јавниот интерес ги претвора во државни службеници. Ваквиот непромислен потег на претседателот Иванов ја загрозува слободата на медиумите и претставува обид за контрола, затоа што поврзувањето на новинарите со безбедносните служби дополнително ќе ја зајакне самоцензурата во медиумите“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Mazedonien - Gjorge Ivanov - Albanisch zweite Amtssprache (picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic)

Од Кабинетот на претседателот Иванов во јануари им биле понудени безбедносни сертификати на дваесетина новинари

Од Кабинетот на Иванов реагираа дека Селмани бил погрешно информиран.

„Во процесот на спроведување на итните реформски приоритети врзани за прашања за безбедноста, но и законската обврска на претседателот на Република Македонија да ја донесе стратегијата за одбрана, Советот (за безбедност, н.з.) планира активности во кои сметаме дека треба да бидат вклучени и стручни лица - новинари. Согласно со законските одредби за работа за класифицирани податоци, новинарите треба да имаат издаден безбедносен сертификат од надлежен државен орган, ДБКИ. Во планираните активности очекуваме од новинарите да дадат сугестии за начинот на информирање на јавноста за подигнување на свеста и безбедносната култура за работа со класифицирани информации заради постоење на висок ризик од генерирање лажни вести и планиран истек на информации, што врши ерозија на институциите“, беше речено во реакцијата од Кабинетот.

Но, и новинарите кои го потпишале барањето, се сомневаат во оваа аргументација. Дел од нив признаваат дека постапиле избрзано и непромислено, и бараат соодветен начин да ги поништат барањата, свесни за поразителниот факт дека само еден новинар го обелил образот на професијата: тој што не потпишал. 

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

DW.COM

Реклама