Самопослугата на Вучиќ: Од ЛГБТ-премиерка до руски Мигови | Свет | DW | 16.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Самопослугата на Вучиќ: Од ЛГБТ-премиерка до руски Мигови

Српскиот претседател Вучиќ одлучи за нова мандатарка да ја предложи Ана Брнабиќ, досегашна министерка за јавна управа и локална самоуправа. Тој е мајстор за маркетинг, оценуваат аналитичарите.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ својата одлука за нова мандатарка да ја предложи Ана Брнабиќ, досегашна министерка за јавна управа и локална самоуправа, ја образложи со нејзините стручни и лични квалитети, но од друга страна постигна и друга маркетиншка цел: сите светски и регионални медиуми во прв план истакнаа дека Србија за премиер првпат добива жена и геј личност.

Ана Брнабиќ - безопасен експерт

Има неколку причини зошто Вучиќ се одлучи за експертска опција на местото премиер, вели за ДВ политичкиот аналитичар Бранко Радун. „Со изборот на непартиска личност Вучиќ избегна бројни партиски турбуленции. Ако избереше некого од Српската напредна партија (СНС), тоа ќе предизвикаше незадоволство кај 'напредњаците', зашто таму постојат луѓе кои имаат некои свои погледи и надежи од партискиот ангажман. Ако го избереше Ивица Дачиќ тоа повторно ќе предизвикаше незадоволство кај 'напредњаците', затоа што тие сметаат дека имаат добри партиски кадри. А, тука, се разбира, е и проценката дека жена од такво профил би имала далеку подобра комуникација со Западот“, оценува Радун.

Serbien | Ana Brnabic (Getty Images/AFP/A. Stankovic)

Ана Брнабиќ околу себе ќе има кадри верни пред сѐ на Вучиќ

Српската длабока држава

Со изборот на експерт на некој начин се избегнува незавршување на работите поради тоа што некој е дел од некои политички кланови, продолжува Радун. „Но, ако имате некого кој не е дел од тоа, можете да очекувате завршување на работите, а идниот премиер ќе биде соочен со многу тешки одлуки.“ Меѓутоа, тука веднаш се поставува следното прашање: како некој кој е политички аутсајдер ќе има авторитет во рамки на владата? Бранко Радун вели дека Ана Брнабиќ ќе црпи авторитет од Вучиќ, но дека не е преголем оптимист дека ќе успее да ги скрши отпорите кои може да се појават:

„Затоа што тие некои политички кланови, и она што би можеле да го наречеме длабока држава во Србија, а тоа се структури кои не се менуваат - воени, безбедносни, стопански - тие имаат некакво подолго траење и промените на чело на владата нив често и не ги допираат. Тоа е веќе вообичаениот кумовски начин на функционирање во Србија, каде некои луѓе се менуваат, но сѐ друго останува исто. Ана Брнабиќ, со помош на Вучиќ, веројатно ќе се обиде да промени нешто - некаде можеби и ќе успее - но дали тоа ќе биде доволно и дали и граѓаните на тоа така ќе гледаат, тоа е веќе друга приказна.“

Фигура во туѓа влада

Мислам дека Александар Вучиќ се одлучи за експертско решение затоа што на тој начин нема опасност некој да го загрози од местото премиер, оценува за ДВ Драгољуб Петровиќ, главен уредник на весникот „Данас“. „Ана Брнабиќ не може да му ја преземе партијата и ќе претставува некаква фигура на местото премиер во влада која веројатно нема да ја составува сама.“

Од друга страна, во владата околу нејзе ќе има прекалени политички волци и тука повторно се поставува прашањето на авторитет и како Ана Брнабиќ ќе се снајде во такво опкружување. Драгољуб Петровиќ истакнува дека тоа ќе биде тешко. „Околу нејзе ќе има, како што велите, политички волци, а јас би додал и валкани играчи и што е најважно - кадри верни пред сѐ на Вучиќ. Се плашам дека тие за што било многу помалку ќе ја прашуваат нејзе, а многу повеќе него. Тоа во пракса ќе значи дека министрите повеќе ќе одат во партија и кај претседателот по мислење, отколку што ќе одат во кабинетот на премиерот. Не верувам дека таа ќе успее да им наметне на министрите некои свои решенија.“

СНС - еден мозок и едно мислење

Српските медиуми во пресрет на конечната одлука за премиер изнесуваа бомбастични најави дека СПС ќе ја урне коалицијата доколку Ивица Дачиќ не биде премиер, а слично незадоволство наводно постои и кај СНС. Бранко Радун смета дека како и да се завртат работите, СНС ќе биде незадоволна, но според него, тоа нема да претставува некаков голем проблем. „Можеби ќе има краткотрајно незадоволство и несогласување, но не сметам дека тоа драстично би го променило односот на силите, или би го довело во прашање авторитетот на Вучиќ. Во јавноста Вучиќ можеби може да загуби нешто кај конзервативната јавност поради сексуалната ориентација на идниот премиер, но, од друга страна, може да добие некои поени кај либералниот дел од јавноста.“ Драгољуб Петровиќ смета дека СПС уште пред претседателските избори успеала да спечали некои важни министерски места и дека Дачиќ тука фигурирал како некоја резервна варијанта. „А, што се однесува до 'напредњаците', тие се еден мозок и едно мислење. Тука досега немаше многу дисонантни тонови. Во таа партија нема ниту многу капацитети кои може да го загрозат Вучиќ. Во целата партија има можеби двајца-тројца. Некакво внатрешен судир можеби може да се случи ако Вучиќ доживее некаков пад на популарноста, но засега сме сѐ уште далеку од такво нешто.

Serbien Ana Brnabic (Imago/Pixsell/S. Ilic)

Ана Брнабиќ на прајд-парадата во Белград (18.09.2016)

Политика самопослуга

Му се допаднало тоа некому или не, но темата сексуална ориентација е неизбежна во секој разговор за идниот премиер. Тоа се виде и по медиумските реакции на нејзиниот избор и од тој апсект потегот на Вучиќ може да се чита и како добар маркетинг. Александар Вучиќ е мајстор за маркетинг, коментира Петровиќ. „Тој точно знае што ќе им биде привлечно на домашните медиуми, но и што ќе им се допадне на потенцијалните партнери од светот. На тој начин, со поставување на ЛГБТ-личност за премиер, можеби сака да ја покаже својата цврста проевропска ориентација. А, кога ќе стигнат авионите Мигови од Русија, тогаш ќе ја покаже својата проруска ориентација. Тоа ви е 'политика самопослуга': секој го зема она што ќе му се допадне, а тука има широк избор на производи - од ЛГБТ премиер до руски Мигови.“

Гледај видео 02:40

#DE_facto: Пленковиќ или Вучиќ? Кој е љубимец на Ангела Меркел?

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама