Самовилски приказни од судницата | Северна Македонија | DW | 16.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Самовилски приказни од судницата

Настаните во Вашингтон беа идеална можност вмровските структури да соберат храброст и да ја кажат вистинската приказна за 27 април наместо да ги слушаме идеализираните приказни во судскиот процес за организаторите.

Најпрво околу оние што се потрудија веднаш по објавувањето на минатонеделната колумна „Подарок од Трамп за Вилма Русковска“ на одреден начин да ги релативизираат не само сличностите со насилниот упад во македонското Собрание на 27 април и обидот за убиство на македонски пратеници, туку и оние страшни сцени што се случија во американскиот Капитол на 6 јануари. Кога се брза да се отфрлат какви било сличности, и тоа само по два дена откако почна истрагата на ФБИ и на американските обвинители, тогаш работите се враќаат назад како десет тешки бумеранзи. Ако некој помислил дека она што се направило во двата дена по хаосот на Капитол ќе биде сето она што што ќе го направат американските истражни органи и обвинителите, тогаш тој не само што е во длабока заблуда, туку и мисли дека најсилната демократија во светот функционира онака како што функционираше македонското обвинителство во првите денови по 27 април – отфрлајќи ја секоја желба темелно да ги истражи крвавите настани.

Уште на почетокот на неделава ФБИ изјави дека бунтот во Капитол ќе биде истражуван на сличен начин како што беше водена истрагата за терористичкиот напад на Бостонскиот маратон – од секунда во секунда, од секвенца до секвенца, од човек до човек, сѐ додека сите што се виновни не се извадат пред правдата. Досега ФБИ има собрано 100.000 видео снимки и десетици илјади јавувања на луѓе кои препознаваат некои од учесниците во насилните настани. До какви првични заклучоци дојдоа истражителите само 10 дена подоцна. Асошиетед прес вчера даде сублимат на подготовките на настаните и на самите случувања, за кои обвинителите велат дека се шокантни, а дека уште пошокантни бил снимките од внатрешноста на Конгресот кои засега не се појавиле во јавноста.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски, автор на колумната

Што се знае досега? Во четвртокот вечерта федералните обвинители поднесоа документи во судот во кои пишува дека целта на толпата што упадна во Конгресот била „фаќање и убиство на избрани службеници“. Ова го пишува во документите поднесени за познатиот човек со крзена капа и рогови од Аризона. Деталите изнесени во судските документи, фрлаат ново светло колку бил сериозен бунтот во Капитол. Истражителите веруваат дека сето тоа било многу поорганизирано а не дека станувало збор, како што велат насилниците, за спонтан излив на гнев поради изборите и поразот на Доналд Трамп.

Скандирањето „Да се обеси Мајк Пенс“ е познато веќе неколку денови по објавувањето на повеќе снимки од толпата во конгресните ходници. Но во четвртокот во Тексас обвинителот му образлагаше на судијата дека човекот кој беше уапсен во неделата и кој на снимките носеше специјални пластични стеги кои се користат како лисици, а е полковник, имал намера за земе заложници. „Тој сакаше да киднапира, задржи, а можеби и да погуби членови на американската влада“.

Потоа, редицата луѓе надвор од Капитол кои ја пееја американската химна беа наредени во линија носејќи маслинести шлемови во формација позната како „Ranger File“, што е стандардна оперативна процедура за воен тим што оди во борба. АП пишува дека секој војник што служел во Ирак или Авганистан ќе ја препознае оваа формација подготвена за напад на храмот на американската демократија и дека оние што биле во неа ја поминале таа обука. Во многу случаи оние што упаднаа во Капитол се чини дека користеа тактики, панцири и технологија, како двонасочни радио слушалки, слични на оние кои ги имааше полицијата со која се соочија.

Подготвени за борба

Досега има 120 уапсени. Меѓу нив има пензиониран потполковник од воздухопловството, двајца полициски офицери кои радосно се снимаа внатре во зградата, десетици членови на радикалните десничарски групи. Еден пензиониран воен ветеран неколку дена пред 6 јануари изјави дека неговата група се подготвува за граѓанска војна и дека тие се „вооружени и подготвени да тргнат кога претседателот ќе нѐ повика“. Друг учесник во бунтот, пензиониран член на елитната единица „Фоки“ во видео на Фејсбук зборува: „Ние сме многу добро подготвени, многу способни и многу искосни патриоти подготвени за борба“.

Други колумни од авторот:

-Алијансата стана понтонски мост за ВМРО-ДПМНЕ

-Дејвид Мекалистер никако да се јави

-Студена војна меѓу Бугарија и Македонија

И да не набројуваме уште од деталите до кои чекор по чекор стигнуваат истражителите. Само уште податокот дека тројца републикански конгресмени биле видени ден претходно како како ѝ го покажуваат Конгресот, неговите ходници и канцеларии на група десничарски екстремисти кои биле во туристичка тура во Капитол. Како своевиден водич каде би требало утредента да се движат ако се пробијат во зградата заедно со огромната толпа и кого и каде да бараат.

Ве потсетува тоа на некои слики од 27 април?

Оваа недела за време на судењето на организаторите на 27 април слушавме некакви самовилски приказни како да се преземени од Ривендел, бајниот град од „Господарот на прстените“. Никој ништо не знае, некои настаните ги гледале од телевизија (Гордана Јанкулоска), повеќе вмровски функционери (дури и поранешни) имале свои посебни канцеларии во белата палата (изгледа дека таа внатре е навистина толку голема), па јаделе и разговарале за „теми од наш интерес“. Никола Тодоров дури велеше дека биле на чекор од создавање на широка коалиција (Зоран Заев тоа го демантираше, велејќи дека никој не разговарал со него за такво нешто). „Овој настан има многу трауми, а ВМРО-ДПМНЕ загуби од 70.000 до 100.000 гласови“, рече Тодоров. А престрашените граѓани кои ги гледаа во живо ужасните настани? Дали тие не се важни? И дека штетата била физичка за СДСМ, а политичка за ВМРО-ДПМНЕ. А престрашените граѓани кои ги гледаа во живо ужасните настани? Дали тие не се важни? Неколку дена подоцна, тројца поранешни градоначалници од партијата, како сведоци на одбраната, исто така тврдеа дека ВМРО-ДПМНЕ не била на никаков начин вклучена во протестите, иако потоа многу нејзини функционери и членови се појавија заедно со толпата во зградата на Собранието. 

Тодоров е во правор – овој настан има многу трауми. Тој и неколку различни групи се обидуваат да го поткопаат лидерството на Христијан Мицкоски (зад кого наводно стоеле само стотина партиски функционери), но тоа не е патот што нив може да ги однесе до успех во нивната мисија. Тој, а и другите, постојано повторуваат дека се за ЕУ и НАТО (тоа го тврди и Мицкоски), но тоа ни оддалеку не е доволно за да можат да се претстават како алтернатива на актуелниот лидер. Настаните во Вашингтон беа извонреден повод тие групи со вистински зборови да се оградат од 27 април, да го оквалификуваат со вистинските зборови насилниот упад и крвничкото претепување на пратениците и да понудат нова модерна идеолошка платформа. Како што републиканците се плашеа (и уште се плашат) од изборната база на Трамп, така и и тие се заробеници на вмровските приказни, кои оние што не се во партијата и не можат целосно да ги разберат.

Во колумната за Дојче веле, Тодоров објаснувајќи ја наводната погубна поврзаност на сегашното партиско раководство со Левица и растот во анектите на партијата на Апасиев, се обидува да направи некаква анатомија на паѓањето на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не оди подалеку од стандардните вантрепартиски шеми од последните 15-ина години. Констатирајќи дека ако Мицкоски не си отиде во наредните два-три месеци тој ќе бил запаметен како последниот лидер на ВМРО и дека за тоа „виновни нема да бидат стотината мицковисти и дваесетината деца од ‘Дувло’, туку виновни за тоа ќе бидат стоте илјади храбри комити“.

 „Не е сѐ толку едноставно“

За жал на Тодоров, ова е 2021 година, ова не е време на „стоте илјади храбри комити“. На тој начин тој се обидува, и покрај неговите намери што сака да ги претстави како најдобри, целата работа да ја претстави во некаква историска надмината рамка. Сега има граѓани а не комити. Тие граѓани излегуваат на гласање, а не излегуваат легионите на комитите.

Уште еден човек, кој на некој начин сака да се претстави како алтернатива на сегашното раководство, поранешниот амбасадор во Будимпешта, Игор Есмеров, во интервјуто за „Независен“ свесно влегува во истата замка. „На 27 немаше политичко партиско организирање од страна на ВМРО, но повеќето од учесниците на тие протести беа наши членови и симпатизери. Можеби има одговорност во однос на поттикнувачката реторика во деновите пред настанот и за тие вулгарни говори треба да има извинување. Сепак, мојата заложба е да си пружат рака СДСМ и ВМРО и да се договорат за стратешките интереси на државата“. 

Есмеров уште додава: „Кога би можело сѐ да се реши само со извинување јас веднаш би ви се извинил за секое лошо што сте го почувствувале од ВМРО, а тоа би требало и другите да го сторат, но не е сѐ толку едноставно“.

Работата е обратна од она што го тврди Есмеров – многу нешта можат да се решат со извинување, реална и вистинска оценка на 27 април, а не да тврди дека „не е сѐ толку едноставно“. Можеби не е едноставно за него, или за групата околу него, но за граѓаните е едноставно.

Би можело да се случи по неколку години ВМРО-ДПМНЕ повторно да дојде на власт, но не поради нивна заслуга, туку доколку сегашнава гарнитура потфрли во многу полиња. Доколку Есмеров, Јанкулоска, Тодоров и другите тврдат дека нивната партија не стоела зад протестите мислат дека таа нивна самоизмама може да се продаде на пазарот и дека граѓаните ќе се стрчаат кон таа тезга. На некој начин изгледа разбирливо дека партијата и „стоте илјади храбри комити“ треба да се заштитат, но со тоа ќе останат само гетоизирани во нивната замислена големина.

Она што му е потребно на ВМРО-ДПМНЕ сега не се самовилските приказни од судницата туку нова конзинзтентна идеологија и признавање на грешките. Нема десет граѓани во државава кои може да поверуваат дека целата логистика при протестите на „За заедничка Македонија“ можела да се изведе без силна, многу силна структура. А можеби навистина „не е сѐ толку едноставно“, како што вели Есмеров, да се признаат грешките и гревовите на партијата. За конципирање на новата идеологија е потребно знаење и концепт, а за признавање на гревовите храброст. А тоа го нема кај оние што сакаат да го сменат Мицкоски кои во основа не нудат нешто поинакво од она за што го критикуваат. За нивна жал, тоа е токму така.

 

Реклама