Самит на ЕУ: решение за спорот со Турција, преговори и со Хрватска за прием во ЕУ? | Теми на денот | DW | 17.12.2004
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Самит на ЕУ: решение за спорот со Турција, преговори и со Хрватска за прием во ЕУ?

Од конференциски кругови од Брисел се вели дека “се напредува со милиметарско темпо” и се работи на последните формулации. До крајот на денов би требало да се усвои завршната декларација од самитот. Нереални очекувањата на Хрватска да биде примена во ЕУ заедно со Бугарија и Романија веќе во 2007-ма година.

Во фокусот на вниманието во Брисел: турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган

Во фокусот на вниманието во Брисел: турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган

Наспроти сите очекувања, шефовите на држави или на влади на земјите на ЕУ на самитот во Брисел побргу и полесно постигнаа меѓусебе согласност околу најспорното прашање - решението да се започнат преговори со Турција за прием во унијата, отколку со земјата на која пред 41 година со склучувањето договор за асоцијација и е отворена перспектива за членство, а 17 години го чека ваквиот одговор на своето официјално барање за членство.

Сега, кога го доби, не е задоволна со поставениот услов де факто да го признае Кипар уште пред почетокот на преговорите. По интензивни преговори пред околу еден час проструи веста за изнајден компромис: Унијата се откажала од барањето Турција прво да го потпише протоколот за царинска унија, што е де факто признавање на Кипар, а се задоволи само со усна изјава на турскиот премиер. Според втората агенциска верзија, Турција ќе го потпише протоколот под формулација “со сите 25 земји на Унијата” без да се спомне Кипар. Од конференциски кругови од Брисел агенциите пренесуваат дека “се напредува со милиметарско темпо” и се работи на последните формулации. Занимливо е дека канцеларот Герхард Шредер беше оптимист оти сепак ќр биде изнајдено решение и во текот на ноќта изјави: “Мислам дека можат да се најдат модалитети што ќе им овозможат на обете страни - турската и кипарската – да се согласат. Дотолку повеќе, што во сите други битни прашања ноќва очигледно е постигната согласност”.

Инаку, учесниците на самитот уште синоќа го објавија своето решение: “Ние рековме да започнеме преговори со Турција и тоа од 3-ти октомври 2005-та година. Цел на преговорите треба да биде прием во Европската Унија, но нема гаранција. И, доколку овие преговори ќе водат кон тоа, да не биде можно членство во ЕУ, тогаш мора да биде обезбедено Турција сепак да биде закотвена во европските структури” – соопшти претседавачот со Советот на Унијата, холандскиот премиер Јан Петер Балкененде.

Со условеното решение за почеток на преговорите не беше согласен турскиот премиер Ердоган, кого во ноќешните и утринските дополнителни преговори Балкенеде не успеа да го убеди да ја прифати понудата. Поради преговорите, продолжението на самитот не оди според предвидената агенда. Генералниот секретар на ОН Кофи Анан, кој денеска им се приклучи на учесниците на самитот, ги понуди своите добри услуги во кипарското прашање доколку засегнатите страни се подготвени на напредок: “Се надевам дека ќе има позитивен развој, така што иднината на Кипар веќе нема да претставува проблем за Унијата. Ние се надевавме дека Кипар како обединета нација ќе влезе во ЕУ, но тоа не ни успеа. Но, има и едно утре”. Неговиот план за повторно обединување на 30 години поделениот средоземноморски остров пропадна на референдумот во април годинава, кога го отфрлија жителите на грчкиот дел.

Уште пред преговорите со Турција, веќе во април наредната година, ЕУ има намера да поведе преговори со Хрватска за нејзино пристапување кон Унијата. Но, предуслов е земјата целосно да соработува со Хашкиот трибунал за воени злосторства во некогашна Југославија. Тоа мора да биде потврдено пред почетокот на преговорите, се вели во предлог-заклучоците од самитот. Оваа формулација допрва треба да биде одобрена од учесниците на самитот. Хрватска се стремеше кон добивање термин за почеток на преговори без такви услови, но премиерот Иво Санадер синоќа ја вети бараната целосна соработка со Трибуналот. Главен проблем е барањето за израчување на хрватскиот генерал Анте Готовина, осомничен како воен злосторник. Надежта на Хрватска да влезе како полноправен член на Унијата заедно со Бугарија и Романија веќе на 1-ви јануари 2007-та година, дипломати во Брисел ја оценуват како нереална, а како пореален термин ја наведуваат 2009-та година. Се очекува шефовите на држави или на влади без забелешки да ги усвојат предложените заклучоци за Хрватска, како и за другите две балкански земји, на кои треба да им биде потврден заеднички влез во Унијата по две години. Во предлог-заклуичоците стои и дека ЕУ стриктно ќе го набљудува напредокот на обете земји во реформата на правосудството, заштитата на надворешните граници на ЕУ, еколошката политика, борбата против корупцијата и илегалното субвенционирање на стопанството од страна на државата. Обете земји се согласија со одложување на пристапот до 2008-ма година доколку не успеат навремено да ги спроведат бараните реформи. Тие беа исклучени од годинашното проширување на ЕУ поради бавното темпо на реформите.

Поврзана содржина