Самит за Украина според руски вкус | Свет | DW | 10.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Самит за Украина според руски вкус

Украинскиот претседател Зеленски можеби смета дека по средбата со рускиот колега Путин во Париз сега е нерешено. Но се залажува, смета Бернд Ригерт.

Работите се одвиваат добро, сигурно си помисли рускиот претседател Владимир Путин на предбожикниот самит во Париз. Западот и Украина се подготвени да направат лесни отстапки за да го одоброволат неприкосновениот владетел на Русија и да договорат документ за смирување на регионот на Донбас во Украина. Многу ново во тој документ нема: Се бара 21-от прекин на огнот, размена на затвореници. За политичките чекори треба да се дискутира дури за четири месеци.

Преговорите мора да му паднаа лесно на Путин, бидејќи неговите колеги од другата страна на преговарачката маса можеа само со тешкотии да демонстрираат единство. Францускиот претседател Емануел Макрон прави отстапки за Путин и зборува за ново партнерство за кое и Русија мора да има интерес. На германската канцеларка Ангела Меркел, соло напорите на амбициозниот Французин полека ѝ одат на нерви. На состанокот на НАТО пред една недела, Алијансата, која според Макрон е „мозочно мртва“, го разоткри пред светот целото нејзино неединство. Источните држави на НАТО предупредуваат од Русија, Франција пак сака  повторно да ги направи Русите поприфатливи. Макрон и Меркел  заедно вршат притисок врз украинскиот  претседател Володимир Зеленски за да се покаже пофлексибилен и да направи отстапки. Позицијата на ЕУ за рускиот гасовод „Северен тек“ не е единствена. Германија гледа позитивно на него, многу источни држави жестоко го критикуваат.

Ништо не оди без Русија, но тешко е и со Русија

Путин со оглед на ваквата состојба всушност може да се опушти и да сочека. Се разбира, тој има интерес да се ослободи од здодевните санкции на ЕУ. Но, тоа не е толку важно за да се откаже од неговите аспирации кон источна Украина, а да не зборуваме за Крим. За анектираниот полуостров официјално не се зборуваше во Париз. Со конфликтот кој тлее тој може Западот, кого го смета за противник,  да го држи под тензија. Покрај тоа, натамошното приближување на Украина кон ЕУ и кон НАТО е практично невозможно, бидејќи ги исклучуваат пристапувања на земји со тековни конфликти. Истиот рецепт Путин  го користи и во случајот со Грузија, каде го отцепи регионот на Јужна Осетија од Грузија. 

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт, автор на коментарот

На Западот и на Украина толку многу им е потребен Путин, што Макрон, Меркел и Зеленски преговараат со рускиот претседател, иако го сметаат за главен ум зад соборувањето на холандскиот авион МХ17 над Украина, труењето на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Велика Британија и сега исто така и убиството на еден Грузиец во Берлин.  Од германска и француска гледна точка, многу е тешко да се извлечат отстапки од Путин, особено затоа што односите  со големиот НАТО- партнер САД се ако ништо друго тогаш проблематични. Претседателот на САД,  Доналд Трамп, верува поради некоји чудни причини дека  Владимир Путин  е „одличен“ човек, дури и ако тој нему не му направил никакви отстапки .

Ако сето ова  на Путин и натаму  не може да му важи како доказ за неговата сила, доволно е да фрли поглед на улиците на Париз, што тој веројатно и можеше да го направи вчера. Неограничен штрајк ја парализира француската престолнина. Бесни протести против Емануел Макрон. Проблеми во домашната политика не се добра поддршка за силна надворешна политика. А Ангела Меркел? Од канцеларката, која играше круцијална улога во првата рунда преговори од т.н. нормандиски-формат во 2014 година и Договорот од Минск за пацификација на Украина, во Париз можеа да се чујат само тивки тонови. На рускиот претседател му е јасно,  дека политичките денови на Ангела Меркел се одбројани. Владината коалиција во Берлин се распаѓа. Зошто тогаш да се попушта?, мора да се запрашал Путин.

DW.COM

Реклама