Самит во Софија: Западниот Балкан во сенка на Иран | Свет | DW | 16.05.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Самит во Софија: Западниот Балкан во сенка на Иран

На самитот во Софија во преден план првобитно требаше да биде Западниот Балкан. Но агендата сега е предодредена од американскиот претседател Доналд Трамп.

Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој еврокомесарот за проширување Јоханес Хан го оцени како „историски“, не предизвикува големо интересирање во Германија. На медиумите многу поважни им се односите меѓу САД и ЕУ една недела откако претседателот Доналд Трамп се откажа од меѓународниот договор за нуклеарната програма на Иран.

Тие пред сѐ известуваат за консултациите околу стратегиите кои ЕУ би требало да ги развие по потегот на Вашингтон. Речиси сите медиуми пренесуваат главно две варијанти на наслови за извештаите за самитот: „Земјите од ЕУ го усогласуваат својот курс кон Трамп“, или „ЕУ е во потрага на одговор на Трамп“.

Спорно проширување

Главната тема на самитот - приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ и натаму е спорна, оценува новинската агенција ДПА. Европската комисија на Србија и на Црна Гора им даде изглед за перспективен пристап до 2025 година, доколку двете земји ги исполнат потребните критериуми на Брисел.

Голем проблем е и статусот на Косово, кого како самостојна држава не го признаваат пет членки на ЕУ. Поради тоа на самитот нема да учествува шпанскиот премиер Маријано Рахој, кој поради желбата на Каталонија да се отцепи од Шпанија има најголем проблем со Косово.

Повеќе:

-На Самитот во Софија му се заканува дебакл поради Косово

-Бугарија гледа „можност“ за завршување на спорот за името

-Димитров од Софија: Можно е чудо во спорот за името

Рахој, меѓутоа, ќе допатува во Софија и на вечерата ќе разговара, како што пренесува ДПА, „со германската канцеларка Ангела Меркел и останатите шефови на држави и влади“, при што официјална тема на вечерата би требало да биде дигитализацијата. Премиерот на Шпанија најави и дека ќе ја „поддржи“ завршната изјава на самитот која, како што вели Рахој, благодарејќи на залагањето на неговиот бугарски колега по должност, Бојко Борисов, е така формулирана што Мадрид со неа нема никакви проблеми. Рахој најави и оти ќе ги поддржи сите мерки кои придонесуваат за развој и стабилност на Западен Балкан.

Претседателите на Србија, Александар Вучиќ и на Косово Хашим Тачи би требало да покажат европско лидерство и да се ракуваат во Софија, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов. Домаќинот на самитот ЕУ-Западен Балкан очекува европско лидерство да покажат и премиерите на Грција, Алексис Ципрас и на Македонија, Зоран Заев.

Интересно е дека во Софија истовремено со самитот за Западен Балкан се и шефовите на држави и влади од Европската народна партија во Европскиот парламент. Меѓу нив би требало да бидат и австрискиот канцелар Себастијан Шулц, како и поранешниот четирикратен италијански премиер Силвио Берлускони, а поканети се и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани.

DW.COM

Реклама