1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ќе го достигнат лимитот на задолжување на Нова Година

СН/АТ/ртр/дпа/ап/афп27 декември 2012

Спорот околу буџетот на САД за 2013 година ја турка земјата кон фискална блокада. Министерот за финансии Тимоти Гајтнер сега се обидува со сметководителски „трикови“ да обезбеди повеќе време за разрешување на спорот.

https://p.dw.com/p/179JV
Фотографија: picture alliance/dpa

Владата на САД ќе ја достигне законски утврдената граница на максимални задолжувања од 16,39 билиони долари во понеделник спроти Нова Година, предупреди американскиот министер за финансии Тимоти Гајтнер.

Според законот донесен од страна на Конгресот во средината на 2011 година по претходно постигнатиот договор меѓу републиканците и демократите, американската влада по достигнувањето на овој лимит повеќе не смее да се задолжува на финансиските пазари и автоматски во сила стапуваат зголемувања на даноците и намалувања на државните издатоци. Економистите стравуваат дека тоа би можело да ја турнае најголемата светска економија во рецесија. Тоа дополнително го зголемува притисокот врз републиканците и демократите да го надминат актуелниот спор за буџетот за 2013 година.

Меѓутоа компромис не е на повидок до крајот на годинава, затоа министерот за финансии Тимоти Гајнтер сега се обидува да обезбеди повеќе време за постигнување договор за буџетот. Тој во писмото упатено до лидерите на пратеничките групи во Конгресот најави дека неговото министерство ќе преземе вонредни мерки за да се избегне САД да го достигнат лимитот на максималниот долг. Преку сметководствено запирање на определени издатоци, според Гајтнер, државниот дефицит треба да биде редуциран за околу 200 милијарди долари, кои во нормални услови би создале дополнителни два месеци за постигнување компромис за буџетот. Но тој предупреди дека со оглед на значителната несигурност за исходот на преговорите за буџетот не е возможно да се предвиди колку долго навистина ќе дејствуваат ваквите мерки.

Американскиот претседател Барак Обама вчера го прекина божикниот одмор и се врати во Вашингтон за да направи обид во последен момент за комропмис со републиканците во спорот околу буџетот. Главна спорна точка се барањата на демократите на Обама за зголемување на даноците за најбогатите во земјата, ова републиканците решително го отфрлаат.