САД ја затворија амбасадата во Дамаск | Свет | DW | 06.02.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД ја затворија амбасадата во Дамаск

Владата во Вашингтон одлучи да ја затвори својата амбасада во Сирија поради влошената безбедносна состојба. Париз и Берлин пак, се заложија за формирање Контакт група за Сирија.

default

САД ја продлабочија изолацијата на режимот на сирискиот претседател Башар aл-Асад поради насилното задушување на протестите на опозицијата.
Во соопштение Стејт департментот наведува дека ја прекинува работата на амбасадата и оти американскиот амбасадор во Сирија Роберт Форд и целиот персонал на мисијата ја напуштиле земјата. Истовремено, американскиот претседател Барак Обама нагласи дека е многу важно сириската криза да се реши без започнување на воена интервенција. Тој вети дека ќе ги примени санкциите против Сирија и ќе го зголеми притисокот врз Асад и неговата влада да заминат од власт.

US-Botschaft in Damaskus Syrien

Американската амбасада во Дамаск

Критики за Русија и за Кина

По неуспехот на резолуцијата на ОН за Сирија, Франција и Германија се залагаат за основање нова Контакт група со цел да се спречи крвопролевањето во таа земја. Германската канцеларка Ангела Меркел по средбата со францускиот претседател Никола Саркози во Париз, изјави дека Германија и Франција не се само „разочарани, туку вџашени“ поради непостигнувањето согласност за резолуцијата на ОН за Сирија. Претходно, Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ги обвини Русија и Кина дека со ветото за резолуцијата за Сирија ја поткопуваат улогата на ОН.

Сириската опозиција со тоа останува на нишан на трупите на Асад. Сириската армија целно го напаѓа Хомс, со денови. Во упориштето на револтот само изутрината, според информациите од сириските опозициски групи, загинале 50 луѓе.

Автор: СН/ЕМФ/дпа/миа/ртр

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска

DW.COM

Поврзана содржина