САД се фокусираат на Југоисточна Азија | Економија | DW | 07.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

САД се фокусираат на Југоисточна Азија

Азија за време на мандатот на Барак Обама се најде во фокусот на американските интереси. Неговата посета на Лаос сигнализира дека Југоисточна Азија има сѐ поголемо значење за Вашингтон.

Растечкиот интерес на американските економски стратези за Југоисточна Азија не е случаен: во наредните 10 години тоа ќе биде еден од клучните региони во Азиско-пацифичкиот простор.

„Во наредната деценија Азиско-пацифичкиот регион ќе бележи просечен раст од околу 4,5% годишно, поттикнуван од приватната потрошувачка во Кина, Индиjа и Југоисточна Азија“, оценува Раџив Бисвас, шеф економ за Азиско-пацифичкиот регион во американската фирма за аналитика ИХС. Централна силна страна на регионот е неговото сѐ поголемо значење како економски простор, смета Бисвас: „Во меѓувреме, азиско-пацифичката економија има удел од околу една третина во глобалниот БДП. Тоа и во самиот регион е причина за жива трговија и инвестиции.“

Покрај класичните земји во забрзан подем - Кина и Индија, сѐ повеќе странски инвеститори ги привлекуваат големите економии во југоисточноазиската економска заедница АСЕАН. Во нејзе членуваат 10 држави со речиси осум проценти од светското население и економско постигнување од околу 2,5 илјади милијарди американски долари. Разликите меѓу земјите членки се екстремни: богатиот, високо развиен Сингапур е член на АСЕАН, исто како и сиромашниот Лаос. Тука се и земјите во забрзан подем како Индонезија, Малезија, Филипини и Тајланд.

Нови канцеларии за врски

Овие четири економии имаат потенцијал до 2030 година да станат дел од групата азиски џинови, чиј дел се Кина, Јапонија и Јужна Кореја. САД веќе реагираа на новите можности во Југоисточна Азија. Во метрополите Бангкок, Џакарта и Сингапур веќе есенва ќе биде отворен американски „АСЕАН Конект Центар“, кој треба да ја поедностави и продлабочи соработката меѓу АСЕАН и американските претпријатија и да биде советувалиште за американските фирми во земјите на АСЕАН.

Bangkok Finanzviertel Bangrak

Во Бангкок ќе биде отворена една од американските канцеларии за врски

За САД се интересни и пазарите во Мијанмар, Камбоџа и Виетнам. Сите имаат различна тежина. „Со оглед на огромниот историски товар, особено впечатливо е напредувањето на приближувањето кон Виетнам“, вели експертот за АСЕАН во Источноазиското здружение во Хамбург, Даниел Милер.

Се очекува виетнамската економија да бележи 6,5 проценти годишно. Главни мотори се извозните бранши - електрониката и текстилот. Во Малезија американските претпријатија се заинтересирани особено за ИТ-секторот, додека во Индонезија американските производители на продукти за широка потрошувачка се острат за пазар со потенцијални 250 милиони потрошувачи. Освен тоа, се насмевнуваат и огромни зделки во индонезиската инфраструктура, на која ѝ е итно неопходна модернизација. Индонезиското население станува сѐ побројно, а се зголемува и средниот слој граѓани, кој може да си дозволи сѐ повеќе, нагласува аналтичарот Бисвас. Банките, осигурувањата и здравствениот сектор се исто толку интересни за странските претпријатија како и градежништвото, трговијата, цивилното воздухопловство и индустриското производство.

Последиците од судирот околу островите

Daniel Müller ASEAN

Даниел Милер

Кина за повеќето држави на АСЕАН е најголем трговски партнер, но најголемиот дел од странските инвестиции во многу земји доаѓаат од САД. Ваквиот тренд веројатно уште ќе се засилува, со оглед на то ашто земјите на АСЕАН поради судирот околу островите во Јужнокинеското Море стравуваат од преголема зависност од Кина. Во тој дел особено доаѓа до израз поделениот однос кон Кина, нагласува експертот за АСЕАН, Милер.

„Од една страна се посакуваат добри односи со Кина и натамошен профит од нејзиниот подем. Од друга страна, сѐ повеќе се стравува од кинеските хегемонијални амбиции. Оттука, во САД се гледа како на осигурителна сила, со која треба да се негуваат стабилни односи, полни со доверба. Тоа што со тоа е поврзана и потесна економска размена, е разбирливо.“

Реклама