САД се повторно клучен играч во дијалогот Србија-Косово? | Свет | DW | 27.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

САД се повторно клучен играч во дијалогот Србија-Косово?

По блокадата на дијалогот Белград-Приштина, српската надворешна политика се обидува да пронајде излез преку САД. И тоа, изгледа многу ѝ се брза. Можеби е тоа поради страв од враќање на демократите на власт во Вашингтон.

Веќе извесно време политичарите во Белград сѐ повеќе даваат изјави за клучното значење на Америка во процесот на решавање на косовското прашање, што на прв поглед е сосем спротивно на досегашните ставови. Додека досега Приштина долго време инсистираше на поактивно вклучување на Америка во косовскиот процес, Белград ги одбиваше таквите идеи, нагласувајќи дека во таков случај Србија бара во дијалогот да се вклучи и Русија. Но, особено по откажувањето на самитот во Париз, кој во Белград меѓу останато се гледа и како на дипломатски пораз на Европската унија, сега е видливо дека сѐ повеќе надеж се полага во политичката и дипломатска сила на Америка.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ нагласи дека пропаѓањето на самитот во Париз покажа дека без САД ништо не може да се заврши, а подоцна упати и низа комплименти на сметка на американската администрација, нагласувајќи дека „администрацијата на Трамп била многу коректна што се однесува до дијалогот со Приштина и дека по подолго време оваа земја веќе не е проблем, туку фактор кој го турка дијалогот."

Уште поилустративна е изјавата на шефот на парламентарната делегација на Србија во собранието на НАТО, Драган Шормаз, кој истакна дека „најдобро би било прашањата за односите помеѓу Белград и Приштина да се решат пред американските избори догодина, со помош на Доналд Трамп и САД“. Шормаз додаде и дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ работи на подобрување на односите со САД, како и дека резултатите од тоа се видливи.

Brüssel, Hashim Thaci, Federica Mogherini, Aleksandar Vucic (Europäische Kommission)

Како да му се вдахне живот на дијалогот?

Продолжение на погрешни потези

Оваа низа изјави покажува дека Србија нема осмислена стратегија во однос на надворешната политика, а ова е само продолжение на погрешните потези на српската дипломатија, како во случајот кога државниот врв се вклучи во кампањата на Хилари Клинтон, оценува за ДВ, Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски прашања:

„Тоа сега ми се чини како обид да се застане на страната на Америка која на различни начини се обидува да се пресмета со Европската унија. Од друга страна, Америка призна дека Косово не е категорично против идејата за разграничување, и тука претседателот Вучиќ изгледа најде простор за разговори. Во Србија веројатно би се сметало за помал пораз доколку добијат некаква територија, иако сите анализи покажуваат дека тоа би донесло краткорочна полза, а долгорочно би отворило многу прашања, особено кога станува збор за Босна и Херцеговина, предупредува Бешири.

Повеќе: САД му ја ускратуваат љубовта на Косово?

Косово - адут во ракавот за притисок врз ЕУ

Се сомневам дека Америка има некој конкретен план за Косово, вели за ДВ надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ и додава:

„Неуспехот на ЕУ да направи поместување во дијалогот отвори простор да се зголеми улогата на САД. Како на пример кога американскиот претседател ги повика претседателите на Србија и Косово да не ја пропуштат историската шанса, сега и Стејт департментот нуди помош за закочениот бриселски процес, но велат дека немаат намера да ги исклучат Европејците од него. Сѐ уште не знаеме која е содржината на таа историска шанса – можно е ниту Американците да не го знаат тоа – но е јасно дека Вашингтон би можел да го искористи Косово за да продолжат со притисокот врз европските сојузници со цел конечно да се сфати кој е вистинскиот газда“, вели Јакшиќ.

Hillary Clinton in Bosnien (Reuters)

Хилари Клинтон во Белград во 2012 година со Томислав Николиќ и Ивица Дачиќ

Србија без сериозна акција

Ако од друга страна се погледаат насловните страни на медиумите блиски до власта, Америка и натаму е непријател број 1 на Србија и на тој момент посочува и Наим Лео Бешири. Тоа, како што вели Бешири, секако не придонесува за јавно декларираната желба на Србија да ги подобри своите односи со Америка.

„Во моментов во американската администрација постои т.н. антиестаблишмент гарнитура која меѓународните односи ги гледа малку полежерно, што на некој начин е поблиско до овдешниот менталитет и до тоа како Србија ги гледа истите тие односи, така што актуелно е поволна климата Србија да најде соговорници во Вашингтон. Но, јас навистина не гледам никаква сериозна кампања или активност на Србија во Вашингтон која би можела да доведе до подобра позиција на Србија кога е во прашање Косово“, вели Бешири.

Белград и Приштина моментално очигледно се на иста бранова должина, бидејќи и Србија и Косово сметаат дека улогата на Америка ќе биде клучна за решавање на косовскиот проблем. Тоа би можело да значи дека двете страни не веруваат во моќта на Европската унија да го доведе тој процес до крај и се стекнува впечаток дека како главен преговарач или партнер во тие преговори сѐ повеќе се гледа Вашингтон наместо Брисел.

Бошко Јакшиќ смета дека тоа во секој случај така изглед на прв поглед, но дека Белград во тој контекст не согледува некои битни аспекти, пред сѐ тоа дека Вашингтон нема да се откаже од независноста на Косово

„Да не заборавиме дека Вашингтон веќе подолго време ја повторува истата мантра, дека меѓусебното признавање е најефикасен и најбрз начин за решавање на косовскиот проблем. Ако Белград е подготвен да го сослуша Вашингтон, тоа би значело дека Белград се приближува до некоја варијанта на согласност со косовската независност“, вели Јакшиќ.

Serbien Donald Trump-Anhänger in in Belgrad (Getty Images/AFP/A. Stankovic)

Поддршка во Србија за Доналд Трамп пред изборите во САД во 2016 година

Косово не е приоритет

Обидот на Белград во соработка со Вашингтон да се забрза косовскиот процес, или некако да се заврши до крајот на мандатот на Трамп, за Наим Лео Бешири е обична илузија. „Може да кажеме дека тоа би можело да се случи доколку претседателот Трамп тоа го ставил високо во својата агенда, но тоа апсолутно не е случај, ниту пак постојат знаци дека тоа би можело да се случи. Доколку Трамп освои втор мандат, постои можност Америка повеќе да се занимава со регионот. Но, тука мислам на цел Балкан, бидејќи САД не се интересираат посебно за Србија или некоја друга земја, туку Балканот го гледаат како целина. А, тоа пак би можело да значи дека Америка се откажува од идејата за разграничување бидејќи е лоша за целиот регион“, оценува Бешири.

Повеќе:Америка ги презема уздите на косовскиот проблем?

Решение за време на Трамп

Гужвата која е видлива во Белград и акцентот на американската улога во Косово се толкува и како страв од враќањето на демократската администрација во Вашингтон. Србија проценува, а за тоа зборуваше и министерот Дачиќ, дека победа на Демократите би било многу лоша вест за нив и е практично враќање на политиката на Клинтон. Па така и реториката во Србија е вратена на времето кога победи Трамп и кога имаше големи надежи и се очекуваше поголемо разбирање од новите американските власти. Бошко Јакшиќ предупредува дека и овојпат сѐ може да се заврши како и на почетокот на владеењето на Трамп, кога имаше насловни страници од типот ’Трамп, Србину!'.

„Склони сме кон еуфорија, а основните постулати на американската политика сепак нема да се променат. Притоа е јасно дека само ќе се продолжи со притисоците врз Србија да се согласи со некое решение кое и денес официјално го одбива“, заклучува Јакшиќ.

DW.COM

Реклама