САД сепак не се „банана држава“ | Свет | DW | 08.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД сепак не се „банана држава“

Американскиот претседател донесе неколку пребрзани одлуки, како забраната за влез во земјата на муслимани. Но, демократијата во САД функционира- прерано е за црни сценарија, смета Миодраг Шориќ.

Медиумите во Европа, кога станува збор за САД, наклонуваат кон хистерија. Откако нов претседател е Доналд Трамп, многумина прогнозираат залез на Западот. Тие им даваат лекции по демократија на Американците, или поставуваат далечински дијагнози за психичката пресметливост на американскиот претседател. Ситуацијата фатално потсетува на почетокот на 80-те години на минатиот век. Тогаш плашилото во Белата куќа се викаше Роналд Реган. Милиони луѓе на Стариот континент беа шокирани. Денес нерадо се присетуваат на овие времиња. Во Европа, чашата секогаш е полупразна. Во САД - полуполна.

Судството функционира

Без оглед што довербата во Доналд Трамп како претседател не е голема, сепак е прерано за катастрофални сценарија. САД не се „банана држава“, туку стабилна демократија, која преживеала повеќемина не толку квалификувани претседатели. Америка располага со функционирачки институции. Тие, за разлика од оние во авторитарните држави, не потклекнуваат пред моќта на претседателската функција. Ниту пред Доналд Трамп. Факт е, тој донесе избрзана одлука да ги затвори границите за луѓето од седум претежно муслимански земји. Но, судија кој живее на оддалеченост од преку 40 часови возење од главниот град, барем привремено го суспендира овој декрет.На тој начин, тој фрли песок во претседателскиот мотор. Сега други, повисоки судови, се занимаваат со правната издржаност на декретот донесен од Трамп. Додека случајот да стигне до Врховниот суд на земјата, можат да поминат денови или недели.

Soric Miodrag Kommentarbild App

Миодраг Шориќ

Протести од народот, но и од стопанството

Во меѓувреме, гигантите на американското стопанство - Гугл, Фејсбук, Мајкрософт и многу други, го дигаат својот глас против указот на Трамп. Секое ограничување на доселувањето може да има негативни последици: би спречило доаѓање на квалификувани кадри во САД. А Силиконската долина зависи од нив. Софтверската индустрија го обвинува Трамп за нанесување штети на американската економија.

И тоа не е сѐ. Илјадници Американци низ цела земја демонстрираат против новата администрација, против организаторскиот хаос кој декретот донесен од Трамп го предизвика, на пример на аеродромите.

На Американците им пречат и личните напади од Трамп, овојпат и против судиите - неистомисленици. Меѓу критичарите се и водечки републиканци. Последица е наглиот пад на популарноста на Доналд Трамп, на радост на бројни телевизиски станици, кои секојдневно се цел на нападите на Трамп, што нив не ги загрижува премногу.

Сѐ на сѐ, американската демократија функционира. Една очигледно пренаглена и лошо подготвена одлука на претседателот наидува на јавни критики, судовите ја доведуваат во прашање. Во САД никој, па ни претседателите, не се над законите. Затоа, предупредувачки подигнатиот показалец на Европејците, не е наместо. Америка не е само Трамп, туку многу повеќе.

 

DW.COM

Реклама