САД сакаат да поентираат на Балканот | Свет | DW | 17.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

САД сакаат да поентираат на Балканот

САД сакаат да ги помират Србија и Косово, оценува печатот на германски јазик, откако специјалниот пратеник на претседателот Трамп, Ричард Гренел, соопшти дека двете страни се согласиле на средба во Вашингтон на 27 јуни.

US-Botschafter Grenell

Ричард Гренел во понеделникот вечерта ја соопшти веста за средбата во Вашингтон

Под наслов „Поентирање на Балканот“, германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ денеска пишува:

„Трамп и Гренел сега се одлучија на чекор без ЕУ, очигледно во надеж дека ќе се постигне надворешнополитички успех за американскиот претседател. Српскиот претседател Александар Вучиќ исклучува признавање на Косово, но како и косовскиот претседател Хашим Тачи од 2018 година ја пропагира идејата за размена на територии според етнички критериуми под наслов ’корекција на границите’. Но, многу Косовци се против тоа. И ЕУ и канцеларката Ангела Меркел го отфрлаат тоа. Тие стравуваат од нови, насилни барања за промени на граници на Балканот... ЕУ никогаш не се усогласи околу единствена политика по прашањето на Косово. Пет членки - Шпанија, Грција, Романија, Кипар и Словачка - не го признаваат Косово. Тие стравуваат од засилени стремежи за независност кај малцинствата во нивните земји. Во меѓувреме, како Приштина, така и Белград, се’ повеќе се потпираат врз САД. Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека администрацијата на Трамп била подобра за Србија отколку американска влада под раководство на демократите. Специјалниот пратеник Гренел при објавувањето на веста за средбата, објасни дека Србија ветила дека ќе се откаже привремено од кампања за делегитимизација на Косово. Косово, пак, за возврат, на одредено време ќе ги запре иницијативите за прием во меѓународни организации. Но, додека претседателот Тачи се надева на признавање на Косово од страна на Србија, претседателот Вучиќ тоа во вторникот јасно го отфрли... Претседателот Вучиќ сака наредната недела во Москва да се сретне со претседателот Владимир Путин“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Повеќе:

Новата косовска влада- алатка за постигнување договор со Србија

Размена на територии - опасен погрешен пат

„Шпигел“ за Косово: Хаос во американскиот протекторат

„Ноје цирхер цајтунг“ уште во поднасловот констатира дека специјалниот пратеник на претседателот Трамп ја заобиколува ЕУ и почнува преговори за Косово и, во текстот, меѓу другото, додава:

„Дека владата на претседателот Трамп сака по секоја цена да постигне видлив успех во компликуваниот однос помеѓу Косово и Србија е очигледно од поодамна. Постои надеж дека надворешнополитички успех, кој освен тоа ќе покаже дека ЕУ и мултилатералната дипломатија не се добри, ќе биде ветер во грбот за кампањата наесен. Впечатлив е тајмингот за иницијативата на Гренел. На викендот во Србија ќе се одржат парламентарни избори. Нема сомнежи во победата на Српската напредна партија на претседателот Вучиќ, но најавата на една внатрешнополитички толку проблематична иницијатива е исто како однапред да се каже кој е победникот. Во Косово состојбата е и натаму нестабилна... Но, најавата од понеделникот вечерта пред се’ со сета јасност покажува колку ЕУ и САД, кои во регионот имаат исти цели, во меѓувреме се оддалечени од заеднички чекори на Балканот. Бриселскиот специјален пратеник за Србија и Косово, поранешниот словачки министер за надворешни работи Мирослав Лајчак, вчера пристигна во Приштина. Тој треба да ги истражи можностите за нов почеток на преговори помеѓу Србија и Косово. Тоа што Гренел само неколку часа пред пристигнувањето на Лајчак најави разговор во САД, е силен удар по европската писка, иако во Вашингтон прво ќе стане збор само за економски прашања. ЕУ не ја коментираше официјално иницијативата на Гренел... Сомнежот дека на балканскиот новајлија Гренел му е поважна „фото-можност“ за неговиот шеф во Белата куќа отколку цврсто решение кое ќе има широка поддршка, тој никогаш не можеше уверливо да го демантира... Најновата фаза на конфликтот помеѓу Србија и Косово трае веќе две децении. Брзо решение за компликуваните проблеми во регионот по вкус на американскиот претседател - нема“, оценува „Ноје цирхер цајтунг“.

Deutschland Serbien und Kosovo unterzeichnen Abkommen über Bau von Autobahn und Bahnstrecke

Гренел (во средина) со Тачи и Вучиќ (во позадина) на Минхенската безбедносна конференција во февруари годинава

Виенскиот весник „Пресе“ смета „меката сила“ на ЕУ во регионот почнува да губи на ефикасност и дека перспективата за приклучување во Унијата, која долго беше поттик за реформи и за воздржување од кризи, во меѓувреме не ги дава посакуваните резултати:

„Се чини дека во меѓувреме ѕвездите на ЕУ не сјаат толку како порано. Тоа што Северна Македонија и покрај промената на името беше прво задржана на патот кон преговори за приклучување, не ја зајакна баш довербата во Унијата. На Косово има лутина поради тоа што во ЕУ се’ уште не може да се патува без виза. Истовремено, актери како Кина и Русија го зголемуваат своето влијание на Балканот. А, господарот во Белата куќа очигледно се грижи се’ помалку за чувствителноста на своите европски партнери. Сеедно што во Вашингтон ќе договорат Србија и Косово - последиците ќе ги сноси Европа. Крајно време е за државите на ЕУ повторно посилно да се ангажираат.“

 

DW.COM