САД сакаат да изнудат решение за косовскиот конфликт | Свет | DW | 04.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

САД сакаат да изнудат решение за косовскиот конфликт

Денеска високите делегации од Србија и Косово продолжуваат со преговори во Вашингтон. Една од главните теми најверојатно ќе биде взаемно признавање на Србија и нејзината поранешна покраина.

Пред 21 година бомбите на НАТО ја протераа српската војска и парамилиции од поранешната покраина Косово во која веќе долго време живеат претежно Албанци. Пред 12 години Косово прогласи независност. Над 100 држави во меѓувреме го признаа. Србија сака да си ја поврати својата поранешна покраина бидејќи таму лоцираните српски манастири и поранешни боишта беа срцето на државата во средниот век. Косово пак сака конечно да биде признаено од целиот свет како независна држава и членка на сите меѓународни организации како Обединетите нации. Повеќе од една деценија Европската унија посредува во преговорите меѓу Србија и Косово – воглавно неуспешно.

Сега САД вршат огромен притисок. Врвни политичари од двете поделени земји се повикани во Вашингтон. Тие треба да постигнат напредок кон конечно решавање на долгорочната криза. Пресметката на САД е јасна: откако американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со нови порази на меѓународна сцена, тој сака пред неговиот можен реизбор во ноември повторно да заблеска на надворешно политички план и да постигне историски успех.

Соработка или признавање?

За што точно се преговара во Вашингтон е сѐ уште нејасно:

-Српскиот претседател Александар Вучиќ како главен преговарач всушност сака да разговара само за прашања поврзани со економската соработка на неговата земја и несаканиот сосед Косово. Како на пример, за рудникот Трепча, контроверзен за двата народа, или стратешки важната брана Газивода во пограничната област.

-Шефот на косовската делегација и премиер Авдула Хоти очекува меѓусебно признавање на двете страни. Сепак никој не верува дека Србија ќе го направи овој чекор, дури ни коалицискиот партнер на Хоти, Рамуш Харадинај. Српскиот претседател однапред се закани: во случај да се бара признавање на Косово, тој ќе ја одбие средбата со американскиот претседател.

Повеќе:

Србија - Косово: Историските амбиции на Трамп

„Позициите на Белград и Приштина уште се оддалечени“

Србија и Косово - нов почеток или стара приказна?

Дијалогот во Брисел продолжува – Тачи таму не е неопходен

-Дел српски врвни политичари и експерти очекуваат дека САД ќе предложи зголемена автономија за српското малцинство во Северно Косово по примерот на речиси неограничената независност на Србите во Босна и Херцеговина. За возврат Белград ќе мора да ја признае Приштина.

-Српскиот опозициски политичар Саша Јанковиќ пред неколку дена предложи ваков компромис: Белград да не го блокира повеќе членството на Приштина во меѓународни организации, како што е Интерпол, или организациите на ОН, како УНЕСКО. Но формалното признавање на Косово од страна на Србија и понатаму да остане отворено. За возврат, српските цркви и манастири во Косово да добијат екстериторијалност. Тоа значи, да добијат независност и повеќе да не потпаѓаат под косовскиот правен систем.

Конкретни успеси?

САД сакаат со своите големи инструменти на моќ – на пример, речиси две децении ги предводат меѓународните заштитни трупи, КФОР стационирани на Косово – да им покажат на претходно неуспешните Европејци, како целно управуван кризен менаџмент функционира на Балканот. Пресвртница и потпора на американските напори е поранешниот амбасадор во Берлин, Ричард Гренел. Претседателот Трамп го именуваше за личен ополномоштеник за Балканот. Бргу, на големо изненадуваење на сите за само неколку недели постигна конкретни успеси:

-Минатиот јануари Белград и Приштина под притисок на САД потпишаа договор за повторно воспоставување на авионскиот сообраќај меѓу двата главни града кој беше прекинат по граѓанската војна кон крајот на 90-те. Како неутрален превозник беше избрана Еуровингс, компанија ќерка на германска Луфтханза.

-Еден месец подоцна, двете закарани страни, под координација на Гренел договорија изградба на заеднички автопат преку граница.

-Во ист здив беше потпишан и трет додговор за возобновување на прекинатиот железнички сообраќај меѓу двете земји.

И покрај тоа што сите страни го пофалија ова како „историски“, ни по половина година ништо од трите договори не е реализирано. Не е познат ниту еден детал од планот за нивно спроведување.

Повеќе зборови отколку дела

По ова искуство реално е да се стравува дека и во новата преговарачка рунда во Вашингтон ќе се постигне договор, кој ќе биде сведен повеќе на зборови отколку на дела. Со оглед на тоа дека ниту во Србија ниту на Косово на повидок нема мнозинска поддршка за било каков договор меѓу двете земји:

-И покрај големата победа на последните избори српскиот претседател дома нема двотретинско мнозинство. Бидејќи опозицијата која го бојкотира парламентот е уште понационалистички настроена од националистот Вучиќ.

-На Косово премиерот Хоти владее со мнозинство од само еден глас плус. И таму нема двотретинско мнозинство во Парламентот кое може да го ратификува договорот со Србија.

-И конечно, српските и косовските политичари со децении ја зацврстуваат својата позиција на моќ врз база на одново возобновување на српско-косовскиот спор. Се чини нелогично, дека би се откажале од овој инструмент со кој си осигуруваат владеење.  

Реклама