САД планираат светска коалиција против Иран | Свет | DW | 24.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

САД планираат светска коалиција против Иран

Американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој е во ненадејна посета на Саудиска Арабија, најави создавање глобален фронт против Иран. Техеран пак им се заканува на САД.

Американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео изјави дека планира создавање меѓународен сојуз против Иран, кој не би се ограничувал само на државите од Персискиот Залив, туку би ги опфаќал и Азија и Европа. Алијансата би требало да биде способна да го притисне „најголемиот спонзор на теророт во светот“, изјави Помпео, кој денеска е во посета на Саудиска Арабија, а ќе патува и во Обединетите Арапски Емирати. Со двете земји тој планира разговори околу заедничка стратегија против Иран.

Оваа нова светска коалиција потсетува на „Коалицијата на волните“ која го поддржуваше нападот на САД врз Ирак во март 2003. година. Воената интервенција тогаш доведе до соборување на ирачкиот диктатор Садам Хусеин. Помпео истакна дека денеска во сила стапуваат новите санкции против Иран, со кои САД сакаат да ја спречат земјата во производството на атомско оружје и ракети и со тоа тоа ќе бидат заштитени американските интереси во светот. Санкциите ги најави преку Твитер деновиве и американскиот претседател Доналд Трамп, но во вчерашно интервју за ТВ Ен-Би-Си сепак истакна подготвеност за преговори со Иран без никакви предуслови. Повеќемесечните тензии меѓу САД и Иран доживеаја опасна ескалација на крајот на минатата недела. Иран во четвртокот собори извидувачки американски дрон, кој според тврдењето на Техеран го повредил иранскиот воздушен простор, што Американците пак го демантираат- според нив, леталото се наоѓало во меѓународен воздушен простор.

USA Spannungen mit dem Iran | Abschuss der Drohne (Reuters/U.S. Department of Defense)

Затегнатоста на релација САД-Иран се зголеми по соборувањето американски дрон од страна на Техеран

Во одговор на иранската акција, САД почнале подготовка за контранапад, кој Трамп го стопирал кратко пред изведувањето. Неговото образложение гласи: очекуваните 150-тина жртви во Иран би биле во несразмер со соборувањето на беспилотно летало. 

Повеќе: 

Трамп одобрил, па запрел напад врз Иран

Шоудаун во Персискиот Залив

Меѓутоа, како што тврдат медиумите, биле извршени сајбер напади врз цели во Иран. „Вашингтон пост“ известува дека притоа бил ставен надвор од функција иранскиот ракетен систем, додека портпарол на Пентагон не сакаше да го потврди тоа.

Иран пак потенцира дека ги одбил нападите, кои САД безуспешно се обидуваат постојано да ги вршат, како што изјави иранскиот министер за телекомуникации Мохамед Џавад Асари Џахроми преку Твитер. Лани биле спречени 33 милиони сајбер напади, рече тој, нарекувајќи ги „сајбер тероризам“. Истовремено, иранската влада се закани со соборување натамошни американски дронови. „Можам да уверам дека решителниот одговор ќе биде повторен, а нашиот непријател го знае тоа“, изјави командантот на иранската воена морнарица, контраадмиралот Хосеин Ханзади за агенцијата Тасним.

DW.COM

Реклама