САД му се заканија на Асад со одмазда во случај на нов напад со бојни отрови | Свет | DW | 27.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД му се заканија на Асад со одмазда во случај на нов напад со бојни отрови

Владата на САД соопшти дека располага со индиции дека сириската влада веројатно подготвува „уште еден напад со хемиско оружје“. Вашингтон веќе се закани со одмазда.

Соединетите Американски Држави му се заканија на сирискиот властодржеец Башар ал Асад со одмазда во случај на нов напад со отровен гас.  „САД идентификуваа потенцијални подготовки на режимот на Асад за уште еден напад со хемиско оружје, кои веројатно како последица би имал убиство на цивили, меѓу нив и недолжни деца“, изјави портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер во Вашингтон.

„Активностите наликуваат на подготовките, кои режимот ги спроведуваше пред неговиот хемиски напад на 4 април 2017 година“, додаде Спајсер. Тој уште истакна дека САД се ангажирани во Сирија за да ја елиминираат џихадистичката милиција Исламска држава, но ако Асад изведе уште еден напад со хемиско оружје, тој и неговата армија ќе платат „тешка цена“ за тоа.

На почетокот на април во сирискиот Чан Шејчун при наводен напад со отровен гас загинаа 87 луѓе. Западот одговорноста за нападот ѝ ја префрли на сириската армија. Сирискиот претседател Асад ги отфрли обвинувањата и самиот го обвини Западот дека тоа го користи како изговор за напади врз сириските сили. Вашингтон тогаш во знак на одмазда за нападот бомбардираше сириска воена воздухопловна база. Тоа беше првиот директен напад на американската војска врз сириските владини трупи.

Русија, која е главен сојузник на Асад, тогашните обвинувања ги означи како неосновани. „Според нашите информации нема ниту еден доказ за употреба на хемиско оружје од страна на силите на Асад“, изјави рускиот претседател за францускиот весник „Фигаро“. „Уверени сме дека тој не го сторил тоа“, истакна Владимир Путин.

Сириската граѓанска војна која трае веќе шест години досега живот ги чинише околу 400 илјади луѓе, а милиони други се во бегство во рамките на земјата или во странство.

 

DW.COM

Реклама