САД и Кина го ратификуваа Договорот за климата од Париз | Свет | DW | 03.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД и Кина го ратификуваа Договорот за климата од Париз

Најголемите производители на штетни гасови на планетава официјално му пристапија на Пактот за глобалната клима од Париз. Но мора да се прескокнат уште важни пречки.

Кина и САД го ратификуваа договорот на ОН за заштита на климата од Париз. Претседателот на САД, Барак Обама и неговиот кинески колега Си Џингпинг му ги предадоа соодветните документи на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун во Ханжу. Договорот од Париз е одлучувачки чекор кон „спасување на нашата планета“, изјави Обама. Додека во Кина за приваќање на договорот гласаше Народниот конгрес, Обама го ратификуваше документот без согласност од американскиот Конгрес.

Во кинескиот град Хангжу утре почнува дводневниот самит на 19-те водечки индустриски нации и ЕУ (Г20). Државите од Г20 се одговорни за 80 отсто од глобалната емисија на гасовите коишто го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, односно климатското загревање на планетата.

Претставниците на околу 200 држави се договорија ланскиот декември во француската престолнина Париз за тоа да се намали емисијата на т.н. стакленички гасови, како и да се задржи порастот на глобалната температура на под 2 Целзиусови степени.

Експертите предупредија дека веќе се заканува опасноста од надминување на оваа одредена температура, а агенцијата на Обединетите нации наведува дека 2016 година најверојатно ќе стане најтоплата година од почетокот на регистрирањето на овие податоци, и оти веќе ја надминала минатата 2015 година.

Додека 180 земји го потпишаа договорот, 55 држави коишто покриваат најмалку 55 отсто од глобалната емисија на гасовите треба формално да го ратификуваат договорот за да добие правна тежина. Пред Кина, 23 земји го ратификуваа договорот, а меѓу нив и Северна Кореја, но на сите нив заедно отпаѓа само 1,8 отсто од вкупната емисија на стакленичките гасови, според податоците од Рамковната конвенција на ОН за климатските промени.

Кина е одговорна за повеќе од 20 отсто од вкупната емисија, додека САД покриваат уште 17,9 отсто. Русија, пак, е одговорна за 7,5 отсто а Индија за 4,1 отсто од глобалната емисија на стакленичките гасови.

Земјите кои го ратификуваа договорот ќе мораат да чекаат три години откако тој ќе стапи на сила пред да можат да го започнат процесот на повлекување од него, според договорот потпишан во Париз.

DW.COM

Реклама