САД и Европа во конфликт поради Иран | Свет | DW | 05.08.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

САД и Европа во конфликт поради Иран

За ЕУ, Договорот за атомската програма со Иран значи поголема безбедност во светот. САД пак сакаат да се откажат од него. Спротивностите меѓу САД и ЕУ се очигледни и при инаугурацијата на иранскиот претседател Рохани.

Ако постои место каде со голо око се гледаат различните пристапи на ЕУ и САД во односите кон Иран, тогаш е тоа Техеран при денешната инаугурација во Парламентот на мнозински реизбраниот претседател Хасан Рохани. Таму како гости се и ЕУ-пратеничката за надворешна политика, Федерика Могерини и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан. Германија е претставена преку заменикот на шефот на дипломатијата.

Настапот на Европејците е во целосна спротивност со ставот на Вашингтон. За потсетување: на првата станица од своето патување во странство, во мај американскиот претседател Доналд Трамп ги повика „сите држави кои имаат совест“, да го изолираат Иран. Во голема опасност е и плодот на тешкиот, во дел и мачен, дванаесет години долг преговарачки процес - Договорот за нуклеарната програма кој со Иран беше склучен пред две години. Тој т.н. Joint Comprehensive Plan of Action за намалување на иранската атомска програма го сочинува темелот за враќање на Иран на меѓународната сцена и за почеток на економската интеграција на земјата по повеќегодишните драстични санкции. Јадрото на Атомскиот договор е намалување и контрола на иранската нуклеарна програма. За возврат, санкциите врзани со него прво ќе бидат вон сила, а потоа и укинати. Досега тоа функционира. Во шест извештаи на Меѓународната агенција за атомска енергија, МАЕ, задолжена за надзор над Спогодбата, во меѓувреме е констатирано дека Иран се придржува кон својот дел од договорот. Затоа, тој за Европејците е голем исчекор во насока на поголема безбедност и спречување на натамошното ширење на атомското оружје.

US-Präsident Trump in Saudi-Arabien Willkommenszeremonie (picture alliance/dpa/Saudi Press Agency)

Трамп се здружи со Саудијците против Иран

„Мнозинството сака пропаѓање на Договорот“

Целосно поинаква е сликата во САД. Саша Ломан од берлинската Фондација за наука и политика, во разговор за Дојче веле истакнува дека и претседателот и Конгресот се многу скептични во поглед на договорот со Иран. „Таму мнозинството сака Атомскиот договор да доживее неуспех или да се извлече нешто повеќе од него. Тоа значи: опасноста е многу конкретна дека од страна на САД во иднина нешто ќе се промени“, вели Ломан. Следната прилика за тоа се пружа во октомври. Заднината на тоа е што секои 90 дена претседателот на Конгресот мора да извести дали Иран ги исполнува условите за продолжување на олеснувањата на санкциите. Во меѓувреме во Белата куќа е формирана работна група која по налог на Трамп треба да се информира дали е можно повторно изрекување санкции поврзани со атомската програма.

Али Ваез, експерт за Иран од Меѓународната кризна група, смета дека тоа екстремно го загрозува Договорот со Иран. Ваез не го загрижуваат само медиумските извештаи за најавите на претседателот Трамп дека ќе го одбие потребното сертифицирање во октомври. „Службеници од владата отворено зборуваат за поттикнување на смена на власта во Иран“, вели Ваез за ДВ. Во тоа се вклопува и извештај на Вол стрит журнал според кој шефот на ЦИА, Мајк Помпео дал налог за формирање посебен „центар за Иран“. Во тоа, ги цитира весникот американските службеници, се отсликува одлуката на владата на Трамп, Иран да го декларира како приоритетна цел на американските агенти.

Помпео важи за американски „јастреб“ во поглед на прашањето за Иран и честопати жестоко го критикуваше Договорот за атомската програма. Но, републиканскиот сенатор Боб Коркер смета дека договорот со Иран функционира и затоа се залага да не дојде до откажување од него. Во интервју за „Вашингтон пост“ стана јасно дека оваа заложба има исклучиво козметички причини. „Сакаме Договорот да доживее неуспех поради Иран, а не поради САД“, рече Коркер, зашто постои желба сепак да се задржат сојузниците на своја страна. Овој сенатор препорача „радикално спроведување“ на Договорот, на пример, така што би се барал пристап до „различни погони во Иран“. „Ако не нѐ пушат таму, следи: бум!“, рече Коркер.

Hassan Rohani, Iranischer Präsident (fars)

Хасан Рохани

Фирми од ЕУ стравуваат од реакцијата на Вашингтон

Европските сојузници не искажуваат посебна желба да го следат американскиот курс. Брисел и Вашингтон се судираат кај темата Иран, тоа станува јасно и кај инаугурацијата на Рохани во Техеран. Ролф Мицених, претседател на Германско-иранската парламентарна група, за ДВ вели дека учеството на европски дипломати на свеченоста по повод инаугурацијата на Рохани е јасна порака оти Европа останува при договорот со Иран, зашто, според експертот, Рохани е гарант за отворање на земјата кон Запад, за разлика од други актери во Иран. Федерика Могерини беше првата странска политичарка која на Рохани преку Твитер му честиташе за повторниот избор на претседателската функција, истовремено изразувајќи ја подготвеноста на Европејците и натаму да се работи на примена на Договорот за атомската програма. 

Доколку САД навистина се откажат од договорот со Иран, тогаш би настанале далекусежни последици, дури и ако останатите партнери се придржуваат кон него. Покрај ЕУ, тука се и Германија, Франција, Велика Британија, Кина и Русија. Би се случиле масивни пречки во повторно придвижената економска размена. Зашто, т.н. секундарни санкции би можеле да ги погодат и европските фирми кои соработуваат со Иран. Експертот Ломан е дециден: „Присутен е проблемот што фирми од ЕУ не се регулираат во Брисел, туку фактички во Вашингтон. Затоа, големите концерни порачуваат: за нас се одлучувачки американскте санкции, дури и ако, гледано од европска страна, не мора да се плашиме од негативни консеквенци, сепак нема да одиме во Иран, зашто тоа ќе значи кршење на американските санкции.“ Но ако за Иранците изостанат економските дивиденди од Договорот, тогаш тоа единствено ќе ги зајакне „јастребите“ и конзервативните сили во самиот Иран. Ним и онака приближувањето кон Запад им е трн в око.  

 

DW.COM

Реклама