САД и Венецуела водат тајни разговори за заминување на Мадуро | Свет | DW | 19.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

САД и Венецуела водат тајни разговори за заминување на Мадуро

Американски функционери имале тајни средби со лидерот на Социјалистичката партија на Венецуела и близок соработник на претседателот Николас Мадуро, со цел негово заминување од власт.

Venezuela Konflikte Diosdado Cabello (picture-alliance/dpa/P. R. Mattey)

Диоздадо Кабејо е еден од најмоќните луѓе во Венецуела

Разговорите се воделе во Каракас, а главна тема било барањето на Мадуро и неговите најблиски соработници да добијат амнестија од кривичен прогон, доколку се согласат да ја напуштат власта во Венецуела, јавува Асосиејтед Прес повикувајќи се на високи извори во администрацијата на Доналд Трамп.
Минатиот месец биле остварени директни контакти со Диоздадо Кабејо (насловна фотографија), кој се смета за најмоќен човек во Венецуела по Мадуро, а за вториот состанок се уште се преговара.
Од американска страна бил присутен близок соработник на Трамп, чие име АП не го објавува поради страв од последици за него. Нејасно е дали Мадуро дал одобрение за разговорите.

Поттикнување раскол
56-годишниот Кабејо е важен играч во Венецуела, а со силно влијание во владата и во безбедносните сили. Но, тој исто така е обвинет од американски функционери дека раководи со масовната корупција, трговијата со дрога, и се смета за одговорен за заканите со смрт испратени до актуелен американски сенатор.

Претставници на американската администрација тврдат дека не се подготвува замена на Мадуро со Кабејо. Целта, наводно, е да се зголеми притисокот врз режимот и да се поттикнат внатрешните конфликти кои се одвиваат зад сцената меѓу различни интересни групи во владејачката партија.

Слични контакти постојат со други функционери во Венецуела, а САД се надеваат дека некој од нив ќе одлучи да го предаде Мадуро и ќе поддржи план за промена на власта. Кабејо досега не ги коментираше овие информации. Но американските извори тврдат дека Вашингтон со сите сили се обидува да стапи во контакт со него. Истиот извор тврди дека Кабејо не врши предавство на Мадуро, додавајќи дека средбата ќе се случи само со дозвола на претседателот на државата и само со олеснување на санкциите кон Венецуела.

Преговори со „шефот на мафијата“

САД и нивните сојузници досега не успеаја да го урнат режимот на Мадуро преку Хуан Гаидо, кого го признаа за лидер. Гаидо не успеа да ја преземе контролата врз армијата, додека Мадуро нема доволно сила за да го елиминира ривалот, ниту пак да ја спаси економијата која тоне. САД неодамна усвоија нови санкции со кои беше запленет целиот имот на владата на Мадуро на нивна територија.

Venezuela, Caracas: Nicolas Maduro und Diosdado Cabello (picture-alliance/dpa/Stringer)

Американски извори тврдат дека разговорите ќе се водат со знаење на Мадуро. Фото: Диоздадо Кабејо и Николас Мадуро

Преговорите меѓу власта и опозицијата кои се водат под покровителство на Норвешка, досега не дадоа резултати и се во прекин.

Резервниот план на САД во актуелната ситуација е да се обидат да придобијат колку е можно повеќе приврзеници на Мадуро, на различни начини. Едниот од нив е и ветувањето дека секој кој ќе „се обиде да му стави крај на владеењето на Мадуро“ ќе биде изземен од санкциите. Тоа во пракса беше применето со генералот Мануел Кристофер, кој ја напушти армијата за време на неуспешниот бунт.
Како прв човек на Уставното собрание на Венецуела, Кабејо има моќ да го смени Мадуро.

Опозициски политичар во Венецуела тврди дека министрите за одбрана и внатрешни работи се во индиректен контакт со САД, но таквата информација не е потврдена.

„Кабејо е најлошото во Венецуела“, вели Фернандо Куц, поранешен советник за безбедност за Латинска Америка на претседателите Барак Обама и Трамп. „Доколку стратегијата е да се преговара со шефот на мафијата, тој е вистинскиот човек. Но таа стратегија носи големи ризици“, вели Куц.

 

DW.COM

Реклама