САД испраќаат нови разорувачи во Јапонија
Поради зголемените тензии во источна Азија, Јапонија и САД имаат намера да ја зајакнат соработката по безбедносните прашања. Вашингтон во Јапонија ќе стационира два дополнителни разорувачи (воени бродови, н.з.) опремени со систем за антиракетна одбрана, соопшти министерот за одбрана Чак Хејгл при средбата со неговиот јапонски колега Ицунори Онодера во Токио. Тоа би требало да се реализира до 2017 година. Иницијативата е реакција на „провокативното и дестабилизирачко однесување“ на Северна Кореја, изјави Хејгл. САД во регионот веќе имаат стационирано пет такви разорувачи (насловната фотографија е архивска).
Комунистичкиот режим во Пјонгјанг последен пат на 26. март истрела две балистички ракети со среден дострел во правец на Јапонија. Ракетите, според јужнокорејски информации, по околу 650 километри паднале во морето. Теоретски Северна Кореја може со ракети да погоди големи делови од Јапонија, бидејќи тие имаат дострел до 1300 километри.
Во однос на киенско-јапонскиот спор околу ненаселените острови во Источното кинеско море Хејгл и Онодера се изјаснија против обидите за промена на статус кво ситуацијата со насилство.
Освен тоа, САД и Јапонија сакаат да ја надградат соработката во областа на одбранбени технологии, откако Јапонија неодамна ги олабави правилата за извоз на оружје.
Разговорите на Хејгл во Јапонија служат како подготовка за претстојната државна посета на американскиот претседател Барак Обама во Јапонија. Обама и Абе треба да остварат средба на 24. април. Хејгл утре патува во Кина.