САД, збогум на слободата на медиумите? | Свет | DW | 04.06.2020

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

САД, збогум на слободата на медиумите?

Провоцирање, омраза, исмејување: насилството против медиумите и демонстрантите во САД покажува како еродира слободата на печатот. Стратегијата на Трамп се пресликува и во други западни демократии.

Демократски грев со најава. И западните демократии ја ограничуваат слободата на медиумите, што уште еднаш се покажа за време на протестите поради убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд во САД. Пред камера е уапсен известувач на СиЕнЕн, дописник на шведски весник е повреден со гумени куршуми, пукано е и на репортерот на Дојче веле, Стефан Симонс. За разлика од авторитарните режими, во САД и во Бразил претседателите Трамп и Болсонаро со реториката насочена против медиумите и ширењето на лажни вести поттикнуваат поделба во општеството и насилство. Таквиот опасен развој не е ограничен само на овие две американски земји, туку вклучува и европски земји, како Малта, Црна Гора, Словачка, Полска, Унгарија, Велика Британија, Чешка и Италија.

„Јасна слика за непријател“

„Трамп ги демонизира медиумите и изгради јасна слика за непријател“, вели во разговорот за ДВ Кристијан Мир, шеф на германското оделение во организацијата Репортери без граници. „Во изминатите денови во САД вкупно регистриравме 68 напади на новинари“, вели тој. Заедно со 26 други напади на претставници на медиуми, кои ги забележа интернет платформата „US Press Freedom Tracker“, се доаѓа до 94 случаи на насилство против претставници на медиумите, само во САД, од почетокот на годинава. 

Минеаполис: Германија бара разјаснување по нападот врз тимот на ДВ

Тие владеат „против системот“

Кристијан Мир вели дека таквиот развој на случувањата можел да се предвиди. „Медиумите се доживуваат како дел од наводен систем. Таквото сфаќање на медиумите свесно го шират популистичките претседатели како што се Трамп и Болсонаро“, смета Мир и додава дека тие сакаат да покажат оти можат да владеат и „против системот“.

.Во Бразил на 25 мај водечките медиуми во земјата најавија дека ќе запрат со известување од претседателството на владата „Алворадо“ во главниот град Бразилија, поради недоволна безбедност. Телевиските куќи „Глобо“ и „Бандеирантес“, водечкиот дневен весник „Фоља де С. Пауло“, како и порталот „Метрополес“ соопштија дека нема да ги испраќаат своите новинари во официјалното седиште на претседателот. Причина за тоа е зачестеното ширење непријателство од страна на симпатизерите на бразилскиот претседател. Кога тие се заканија оти ќе го нападнат делот резервиран за медиумите, безбедносните служби на претседателот не реагираа да ги заштитат новинарите. Болсонаро редовно ги навредува претставниците на медиумите. Кога новинарите на почетокот на мај се обидоа да дознаат зошто е сменет шефот на сојузната полиција, тој почна да вика на нив велејќи им да „замолчат“. Кога крајот на март еден симпатизер на Болсонеро ги обвини новинарите дека сакаат „да го свртат народот против претседателот“, Болсоноро се согласи со тоа.

Советот на Европа предупредува

И во Европа има сѐ повеќе напади на новинари и на медиумски куќи, покажува извештајот на Советот на Европа за слобода на медиумите од 2020 година. Во извештајот се наведува оти во 2019 година вкупно се забележани 142 сериозни напади на новинари во 32 од 42 земји членки. Репортери без граници во својот актуелен извештај за слобода на медиумите предупредуваат на зголемена опасност за медиумите во земјите како што се Бугарија, Романија, Унгарија, Полска, Грција, Хрватска, Малта и Велика Британија.

„Во Велика Британија властите секогаш од почеток ги ограничуваат медиумските слободи, често повикувајќи се на национална безбедност“, се наведува во извештајот на Репортери без граници. Европскиот суд за човекови права во 2018 година масовното шпионирање на новинарите во Велика Британија го оцени како кршење на основното право на слобода на изразување и слобода на печатот.

„Трампескна“ реторика на Борис Џонсон

„Начинот на кој во Велика Британија се дискредитираат медиумите и паушално се обвинуваат новинарите, на големо потсетува на изјавите на Трамп“, смета шефот на германското оделение во Репортери без граници, Кристијан Мир. Новинарите се одалечуваат од конференициите за печат, а реториката на Борис Џонсон е „речиси 'трампескна'“.Корин Вела, сестра на новинарката Дафне Каруане Галиција, која беше убиена на Малта во 2017 година, во една реченица ги сумираше нападите на медиумите во демократските земји.

„Новинарите не се во најголема опасност кога известуваат од воени подрачја, туку кога ќе откријат корупција во сопствената земја“. Доколку новинарите веќе не се чувствуваат безбедно во некоја од земјте во ЕУ, тогаш тоа е безбедносен ризик за цела Европа, оцени Корин Вела во ноември 2019 година во Берлин, на конгресот „Coreact“ на организацијата „Мафија, не благодарам“.

Кристијан Мир се плаши дека стравот од немири Трамп би можел да го искористи во своја полза во предизборната кампања. Затоа претседателот на САД и водечките политичари републиканци се толку воздржани во осудување на полициското насилство. „Звучи цинично, но краткорочно насилството би можело да биде во полза на Трамп“, вели Мир.