САД: Евреи сакаат да станат Германци | Панорама | DW | 10.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

САД: Евреи сакаат да станат Германци

Откако Доналд Трамп беше избран за претседател на САД, сѐ повеќе американски Евреи бараат германско државјанство. А многумина и имаат право на тоа поради своето потекло. Во него тие гледаат нова шанса.

75 отсто од американските Евреи во ноември 2016 година гласаа за Хилари Клинтон. Но, таа загуби на претседателските избори против Доналд Трамп кој, меѓу останатото, освои многу гласови врз основа на националистичката реторика. Оттогаш порасна бројот на Евреи кои во германскиот конзулат во Њујорк предадоа барања за германско државјанство. Според членот 116 од Уставот на Сојузна Република Германија, тоа право го има секој на кој меѓу 1933 и 1945 година му е одземено германското државјанство. А тоа право важи и за потомците. Во 2014 и 2015 година меѓу 50 и 70 њујоршки Евреи го искористуваа тоа право- секоја година. Оваа бројка во 2016 година значително порасна, па само во ноември 124 њујоршки Евреи побараа германско државјанство. Оттогаш бројот на оние кои поднесуваат такво барање константно расте- на 235 во март 2017 година.

„Да се затвори кругот“

Еден од нив е Адам Бенкан. Изворно доаѓа од Филаделфија, но во меѓувреме живее во Њујорк, каде во јануари 2017 година побарал германско државјанство. Притоа нему не му е важна политичката ситуација, и нагласува дека чувствува длабока поврзаност со германското наследство на својот дедо, кого секогаш го викал на германски- „Опа“: „Сакав германско државјанство за да го затворам кругот на она што мојот дедо го загубил“.

Поради тоа има намера еден ден и да се пресели во Германија. Оваа желба победата на Трамп можеби дури и уште малку ја засилила, вели Бенкан: „Промената на политичката клима би можела да има улога за тоа колку брзо би можел да се преселам“.

Да не се влегува во ризик

И во другите сојузни држави во САД луѓето се повикуваат на своите германски предци. За Тери Мендел од калифорнискиот Беркли причината за барање германско државјанство е јасна: „99 насто тоа беше желба да имам една друга опција“, објаснува таа во изјавата за ДВ и додава: „Мене секогаш ми беше важно да имам план Б“.

Мендел германско државјанство побарала во 2000 година кога конзервативниот републиканец Џорџ В. Буш стана претседател на САД. Кога во септември 2016 истражувала една статија за Евреите, кои се повикуваат на своето одземено германско државјанство, забележала дека нејзиниот германски пасош истекол: „Како и многумина други лево-либерални Американци и јас сметав дека Трамп нема шанси на изборите. Но сепак помислив: Зошто би ризокувала?“ Ден пред изборите поднела барање за продолжување на нејзиниот германски пасош. Победата на Трамп, вели Мендел, тој чекор го направила „уште поитен и поважен“.

Луксузот на изборот

Политичките причини ниту кај Илана и Рена Сафрин не биле главни мотиви за одлуката да земат германско државјанство. 26-годишните близначки од Питсбург го ценат пред сѐ неограничениот пристап кон ЕУ кој го добиваат со германското државјанство. Пред сѐ Рена секогаш се чувствувала поврзана со германското потекло на нејзината баба. Во гимназија се одлучила за германскиот како изборен јазик и подоцна студирала во Келн. Илана, напротив, секогаш се чувствувала повеќе Еврејка отколку Германка. Таа нејзиниот германски пасош сака да го искористи за едногодишно патување низ Европа- и покрај тоа малку и да работи.

Германско државјанство сестрите побарале во 2015 година, значи и пред Трамп да ја објави својата кандидатура. „Тогаш Обама беше претседател и како лево-либерална граѓанка имав голема надеж“, раскажува Илана. „Воопшто не сметав на какви било проблеми. Но сега би рекла...“ вели Илана, додека Рена ја прекинува: „... да дефинитивно е добро што го имаме“. Германскиот пасош, секако.

Живот во Германија

На Тери Мендел сѐ повеќе ѝ се допаѓа идејата да се пресели во Германија- барем на одредено време. Не сум сигурна, вели, „бидејќи имам опција да останам, но и доволно сум љубопитна да живеам на друго место. Во актуелната политичка клима- во светот, во Европа и во САД- Германија ми изгледа посигурна, приемчива и поотворена отколку многу други места во светот.“

За сестрите Сафрин тоа во овој момент не е сериозна опција. „Не верувам дека би можела постојано да живеам во Германија, ниту сакам моите деца да растат таму. САД и натаму нудат најмногу можности. Освен ако тоа не се промени и сѐ отиде по ѓаволите“, вели Илана Сафрин. Но, нејзината сестра додава дека сепак не верува оти ќе дојде до такви црни сценарија. „Имам впечаток дека луѓето не веруваат дека нешто страшно би можело да се случи. Но имам впечаток дека мислите за тоа се сепак присутни во главите, посебно кога ќе слушнете што зборуваат луѓето како Трамп. Тоа е навистина помалку иритирачки“, забележува Рена Сафрин.

 

Реклама