САД го повикаа Израел да се откаже од плановите за нова изградба на населби
4 декември 2012„Ги повикуваме израелските лидери да ги преразгледаат тие еднострани решенија и да покажат воздржаност, бидејќи тие дејства се непродуктивни и го отежнуваат обновувањето на директните преговори за постигнување на решението за две држави“, изјави портпаролот на Белата куќа Џеј Карни. Тој додаде дека Вашингтон „го потврдува своето одамнешно противење за политиката за населување на Израел и изградбата во Источен Ерусалим“. Вчера германската канцеларка Ангела Меркел невообичаено остро ги криткуваше плановите на Израел за изградба на населби. Германија е „исклучително многу загрижена“ поради плановите за изградба, изјави портпаролот на германската влада Штефен Зајберт. „Израел со тоа ја поткопува довербата во неговата подготвеност за соработка“, изјави Зајберт. Освен тоа, просторот за палестинска држава, која ја посакува и Германија, станува се‘ помал. Ангела Меркел, преку својот портпарол, апелираше до Израел да се откаже од изградбата на нови станови на палестинските територии.
Темата треба да се најде на дневен ред и на германско-израелските владини консултации во среда (05.12), на кои се очекува и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Зајберт изјави дека Германија се радува на „отворен разговор меѓу пријатели“. Истовремено, официјален Берлин апелира до Израелците и Палестинците да се однесуваат „конструктивно“ за да не го доведат во прашање повторниот почеток на директни мировни разговори.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун исто така изрази загриженост поради планираната изградба на 3000 нови израелски станови на палестински територии. Бан во Њујорк изјави дека тоа е рамно на смртен удар за шансите да се дојде до решение 'две држави'.
На намерите на Израел реагираа и други европски држави. Во Лондон, Париз и Стокхолм во знак на протест против плановите за изградба на разговор се повикани израелските амбасадори.