САД ги конкретизираа критериумите за забраната за влез | Свет | DW | 29.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД ги конкретизираа критериумите за забраната за влез

Владата на САД утврди под какви услови луѓето од шесте муслимански држави, за кои ќе биде воведена забрана за влез, би можеле да дојдат во земјата. Врховниот суд ги побара овие олеснувања на спорниот декрет на Трамп.

Кратко пред стапувањето во сила на забраната за влез во земјата на граѓаните од шесте претежно муслимански земји. САД ги одреди критериумите за барателите на виза од тие земји. Новите критериуми предвидуваат дека за издавање виза на граѓаните од шесте земји и на бегалците им е неоходно „блиско“ сродство или работни врски во САД. Веќе издадените визи нема да бидат укинати, но во насоките на Стејт Департментот е наведено оти граѓаните на Сирија, Судан, Сомалија, Либија, Иран и Јемен кои сакаат да патуваат во САД, мора да докажат дека во земјата имаат родители, сопружници, дете, брат, сестра, зет или снаа. Истите критериуми ќе важат и за бегалците од сите земји кои чекаат на одобрување на виза.

Што се однесува на деловните причини за пат, Стејт Департментот наведува дека тие мора да бидат „официјални, документирани и направени по вообичаен пат, а не само за да се избегне забрана“. Новинарите, студентите, професорите и работниците, кои имаат важечки покани или договори за работа во САД ќе бидат ослободени од забраната.

Конзуларните службеници ќе имаат право да им издадат виза и на оние граѓани од шесте наведени земји кои имаат „предходно воспоставени важни контакти со САД“ или ако се работи за дете, посвоено дете или лице на кое му е потребна итна медицинска нега. Новите прописи стапуваат во сила вечерва и ќе важат до конечната одлука на Врховниот суд на САД.

Една од засегнатите земји, Иран во меѓувреме соопшти дека одлуката на Врховниот суд на САД да дозволи стапување во сила на делови од спорниот указ на претседателот  Доналд Трамп е „расистичка“ и „не е фер“. Портпаролот на министерството за надворешни работи Бахрам Гасеми рече оти „за жалење“ е тоа што Вашингтон „ги затвора очите пред главните сторители на терористички акти во САД“, без објаснување на кого се мисли. Врховниот суд во понеделникот му дозволи на претседателот Трамп да примени ограничена верзија на забраната за издавање визи на граѓаните од Сирија, Судан, Сомалија, Либија, Иран и Јемен. Судиите за целиот случај, конечна одлука ќе донесе во октомври. Владата на Трамп тврди дека ограничувањата се потребни за да се спречи влезот на терористи во САД, додека критичарите сметаат дека со тоа се исполнува предизбирното ветување на Трамп оти нема да пушта муслимани во земјата.

 

DW.COM

Реклама