Руското МНР и ОМД со идентични пораки против Стејт Департментот | Македонија | DW | 19.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Руското МНР и ОМД со идентични пораки против Стејт Департментот

Официјална Москва синоќа ги обвини САД и ЕУ за грубо мешање во внатрешните работи на Македонија. Со речиси идентична порака се огласи и Обединетата македонска дијаспора од САД која остро го критикува Стејт Департментот

Обвинувања до САД и ЕУ за грубо мешање во внатрешни работи на Македонија и осуда на „притисокот“ за промена на Уставот, доцна синоќа и утрово стигнаа од две различни адреси- руското Министерство за надворешни работи и Обединетата македонска дијаспора (ОМД) од САД. И Москва и ОМД досега отворено се спротивставуваа на Преспанскиот договор со таа разлика што Русија не го криеше своето незадоволство од „туркањето“ на Македонија во НАТО, додека организацијата на македонската дијаспора отворено го поддржуваше бојкотот на референдумот на 30 септември.

„САД и државите од ЕУ на најгруб начин се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија, преку туркање на преименувањето на земјата во Парламентот“, соопшти синоќа  руското Министерство за надворешни работи.

„По неуспехот на референдумот на 30-ти септември, организиран со надеж да се добие сенародно одобрување на грчко-македонското 'компромисно решение', Вашингтон и водечките земји од ЕУ имаат намера да го протуркаат внесувањето на диктираните промени во Уставот на земјата во Парламентот. Во моментов се случува најгрубото мешање на САД и ЕУ во внатрешните работи на Скопје, кое ги надминува сите разумни граници. Целта е внесување на Македонија во НАТО по секоја цена“, оценува руското МНР. 
Со речиси идентичен став се огласија претставниците на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), кои ја критикуваат „условеноста на Македонија за промена на уставното име, по цена на придобивките наведени во Преспанскиот Договор“.

„ОМД се спротивстави и на актуелното писмо од помошник секретарот за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел, упатено до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кое дава впечаток на партиска фаворизација во Македонија. Ова писмо, заедно со изјавата на заменик претседателот Пенс, кои изразуваат поддршка кон уставните промени на Македонија, се значителен и вознемирувачки пример на несоодветно мешање на САД во домашната политика на Македонија“, реагира ОМД.
Од оваа организација „остро ја критикуваат условеноста на Македонија за промена на уставното име“, и изразуваат „несогласување со неодамнешните изјави на Стејт Департментот, кои погрешно ги интерпретираат резултатите од референдумот оддржан на 30 Септември како успешни“.

 

 

DW.COM

Реклама