Рускоска: Ако МВР има и тонски снимки, нека ни ги даде | Северна Македонија | DW | 18.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Рускоска: Ако МВР има и тонски снимки, нека ни ги даде

„Нам тонски снимки не ни беа доставени. Ако МВР има тонски снимки, нека ни ги достави, веднаш ќе предложам да ги изведеме како докази“, вели обвинителката Рускоска за ПИ мерките во „Рекет“.

Зошто има слика, а нема тон? Дали се крие содржината на разговорите меѓу лицата кои биле под посебни истражни мерки и оние со кои тие се среќавале? Дали Катица Јанева лани во август имала средба со Заев? Што разговарал Вице Заев со еден од осомничените во „Рекет"? Ова се дел прашањата кои на синоќешната прес-конференција ги отвори потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Вчерашниот ден кога во судницата се презентираа докази обезбедени од ПИ мерки, тој го оцени како „најсуштинскиот ден во случајот ‘Рекет'".

Николоски се повика на член 18 од Законот за следење на комуникации, каде се предвидува тонско снимање на содржината на комуникациите на лица на отворен простор - и тонски, и видео.

„Од приказот на посебните истражни мерки не се добива впечаток дека истражителите само го фотографирале и направиле видео од средбата, туку јасно е дека има и тонско снимање. Прашањето до јавноста е, зошто ова тонско снимање не е прикажано денеска во судницата, односно прашањето е дали мерките со план не се спроведени, со што е прекршен законот и членот 18, или истите не се објавуваат во јавноста со цел да се скрие содржината на истите“, праша Николоски.

Прекршен закон или скриени докази?

Обвинителката Вилма Рускоска вели дека го презентирала тоа што на Обвинителството му било доставено од МВР.

„Презентирав сѐ што ни беше доставено. Нам тонски снимки не ни беа доставени. Ако МВР има тонски снимки, нека ни ги достави, веднаш ќе предложам да ги презентираме и изведеме како докази“, вели Рускоска за ДВ.

Таа потенцира дека реализацијата на тонското снимање зависи и од техниката, а се сомнева дека МВР има соодветна опрема.

„Знам каква опрема имаат. Технички не е лесно да се реализира тонско снимање, ако лицата кои се под ПИ мерки седат во угостителски објект каде има врева, а лицата што ги спроведуваат мерките седат на дистанца, во возило, на пример“, вели Рускоска.

Aserbaidschan 2016 Aleksandar Nikoloski - PACE (picture-alliance/Pacific Press/A.Karimov)

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, постави низа прашања во врска со снимките

Опозицијата пак укажува дека јавниот интерес е за она што лицата го разговараат, а не само нивното визуелно регистрирање на одредена локација. „Второто за кое што не треба да претпоставуваме, туку е јасно, видено и покажано е дека Зоран Милески Кичеец имал средба со Вице Заев, братот на Зоран Заев. Се поставува прашањето, за што зборувале на овие средби? Како е возможно да се среќаваат доколку претходно немаат комуникација и не се познаваат. На средбата бил и фамилијарниот адвокат на Заев (...) Доколку во судот не се прикажат посебните истражни мерки во вид на тонски запис од разговорот на Вице Заев, во тој момент со осомничен во случајот ‘Рекет’, тоа ќе значи дека истражителите на МВР ќе бидат ставени во опасност за прекршување на законот како што наложува членот 18, затоа што или свесно го прекршиле законот или се прикриваат докази“, рече Николоски.

Тој ги повика надлежните лица да ги објават тонските записи во рамки на судот за да се слушне што зборувале Вице Заев и еден од осомничените во случајот Рекет, а го повика и Зоран Заев да каже што зборувал во август лани со Катица Јанева.

„Ова е врв на овој скандал, којшто покажува дека тројцата обвинети во ‘Рекет' се само врвот на ледениот брег, дека она што го зборувавме со месеци е дека ова е добро планирана акција од самиот врв на СДСМ и на власта, во којашто се рекетирани повеќе од еден бизнисмен, и во којашто се изрекетирани далеку повеќе пари од ова што е сега познато“, рече Николоски.

Повеќе:

Лавиринтите на македонското судство: што би требало да знаете

Обвиненија за Боки 13 и друштвото од Меѓународниот сојуз

„Рекет“: Судскиот процес на годината

Во чија резиденција била Јанева?

Според една од снимките обезбедени со ПИ мерки што ги презентираше Обвинителството, Јанева лани во август била снимена како со совозач се упатува во насока на претседателската резиденција и потоа како се враќа на домашната адреса. По одговорот од Кабинетот на претседателот, дека Пендаровски во август 2019 не живеел во резиденцијата, туку од октомври 2019 година, Николоски вчера праша дали Јанева всушност остварила минимум една средба со тогашниот премиер, Зоран Заев.

Рускоска повторува дека го презентирала она што го добила од МВР.

Вчерашната прес-конференцијата на Николоски уследи по маршот на СДСМ „Чекориме за правда“, на кој лидерот на СДСМ повика да се охрабрат сите судии и обвинители, и да ја испорачаат правдата што ја очекуваат граѓаните. 

„Стоиме тука пред црвената линија - и нема да ја преминеме, зашто не смее ниту партија ниту извршна власт да влезе во судска власт! Ние не смееме и нема да се мешаме во судската власт, но имаме обврска да бараме судската власт да се менува и тоа го бараме. Ќе го бараме постојано се додека оваа држава, овие граѓани не добијат правда", порача Заев.

 

Реклама