Рускиот парламент гласаше „за“ креирање домашен интернет | Свет | DW | 16.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Рускиот парламент гласаше „за“ креирање домашен интернет

Руската Дума даде зелено светло за законот за креирање на домашен интернет. Целта е да се заштити Русија од сајбер закани, велат законодавците. Но, законот предизвика протести.

Karrikatur Elkin Staatsduma hat das Gesetz über autonomes Internet in zweiter Lesung gebilligt

Карикатура на Сергеј Елкин на темата „Рунет“

Пратениците на руската Дума денеска со големо мнозинство го поддржаа законот со кој на Русија ѝ се дозволува да креира свој сопствен интернет. Со законот ќе се креира независна инфраструктура за рускиот интернет, или „Рунет“, којшто ќе ѝ овозможи на Русија да изгради виртуелна одбрана во случај на напад.

307 пратеници гласаа за законот, додека 68 беа против. Во следните денови тој најверојатно ќе биде одобрен во горниот дом на парламентот, Советот на федерацијата, и на крај ќе го потпише рускиот претседател Владимир Путин. Законот треба да стапи на сила на 1 ноември 2019 година.

Предлагачите на законот велат дека безбедноста на Русија е доведена во прашање. Со овој проект се предвидува дека домашниот интернет ќе продолжи да работи дури и ако е исклучен од не-руските сервери. Ова значи дека земјата ќе биде подготвена во случај другите земји да решат да ја исклучат Русија од интернет.

„Ако гледаме дека други имаат технички можности за да изведат напад врз рускиот интернет, тогаш ние мора да сме технички подготвени да се справиме со таквите напади“, вели за ДВ Андреј Клишас, еден од авторите на законот. Клишас, кој е член на Советот на федерацијата, не крие од каде би можеле да дојдат нападите врз „Рунет“: „Немаме сомневање дека САД се технички способни да го исклучат интернетот каде билодоколку сметаат дека е тоа неопходно.“

Законот јасно кажува дека има за цел да му се спротивстави на „агресивниот карактер на американската стратегија за национална сајбер- безбедност“, документ од 2018 година, во кој Русија се категоризира како еден од „стратешките противници" на Вашингтон.

Russland Moskau Andrei Klischas (Imago Images/ITAR-TASS/M. Klimentyev)

Пратеникот Андреј Клишас, еден од авторите на законот, за ДВ тврди дека не станува збор за обид за „изолација Русија на каков било начин“

Чување на руските податоци во Русија

Голем дел од техничките детали за тоа како законот ќе биде спроведен во пракса се сѐ уште нејасни, но целта му е да го регулира протокот на онлајн-сообраќај и да ги дефинира точките на размена на интернет. Руското национално тело за надзор на телеком - Роскомнадзор, ќе биде централен надзорен орган, кој првично ќе ја преземе контролата врз интернетот во случај на напад. Во законот се предвидува сите интернет провајдери да поднесуваат извештаи до Роскомнадзор за нивниот интернет проток и нивните клиенти.

Вака појаснето звучи дека главната цел е да се заштитат руските корисници од надворешни закани, но граѓанските активисти предупредуваат дека новите мерки може повеќе да бидат употребени против критичарите на Кремљ отколку за меѓународните противници.

Идејата за зголемување на владината контрола врз интернетот е дел од подолгорочна владина политика. Владините претставници во 2017 година изјавија дека сакаат 95% од сообраќајот на интернет до 2020 година да биде пренасочен на домашната мрежа. Уште од 2016 година, со закон е предвидено социјалните мрежи да ги чуваат податоците за руските корисници на серверите во земјата. Законот официјално е претставен како мерка за борбата против тероризам, но многумина го критикуваат како обид за контрола на онлајн платформите кои може да се користат за организирање на антивладини демонстрации.

Надзорното тело Роскомнадзор исто така има репутација за замолчување на критичарите на Кремљ. Тоа е приморана да ја блокира апликацијата Телеграм за шифрирани пораки, која ја користат сите кои се обидуваат да ја избегнат контролата од Кремљ, вклучително и активистите на опозицијата. Медиумите минатата недела известија дека првиот човек на Роскомнадзор, Александр Жаров изјавил дека новиот закон за автономен интернет ќе помогне во борбата против Телеграм, која досега била неуспешна. Оваа изјава потоа беше избришана, тврди критички настроениот весник „Знак“.

Russland l Demonstration für freies Internet in Russland (Yulia Vishnevetskaya)

Протести против цензурата во Русија (март 2019, Москва)

Втора Железна завеса?

„Новиот закон едноставно произлезе од зголемените напори на владата да го регулира интернетот“, изјави за ДВ Александар Исавнин, активист на рускиот проект за слобода на интерент РосКомСвобода. „Тој го зголемува притисокот од владата врз интернетот и моќта на тајните служби да одлучуваат кои содржини ќе бидат достапни онлајн."

По првото читање на законот во март годинава, тој предизвика големи протести. Илјадници лица излегоа на улиците во рускиот главен град и извикуваа пароли како „Тргнете ги рацете од интернетот" и протестираа против создавањето на она што многумина го нарекоа нова Железна завеса или „Големиот руски фајервол“, алудирајќи на мерките за цензурирање на интернетот во Кина.

Организаторот на протестите, Михаил Светов од руската Либерална партија, појасни дека новиот закон е само уште еден чекор кон рестрикција на демократските слободи, како слободата на медиумите и говорот. „Ако го земат интернетот нема да ни остане баш ништо“, вели тој за ДВ.

Повеќе:

Загрозена е интернет слободата во Русија?

ЕУ- Дали Интернетот влегува во ера на цензура?

Новиот „јавен простор“ да биде безбеден

Владини претставници постојано ја негираат оправданоста на споредбата со ограничувањата на интернетот во Кина. Пратеникот Андреј Клишас инсистира на тоа дека новиот закон „не цели на тоа да ја изолира Русија на каков било начин, или да ја исклучат од екстерни извори“. Тој дополнува дека интернетот треба да биде заштитен од надворешно влијание бидејќи расте неговата важност како „јавен простор" во модерна Русија и дека „многу инфраструктурни постројки се поврзани на интернет“.

Портпаролот на Федералниот совет, Валентина Матвиенко, неделава изјави дека е едноставно неопходно новиот закон да им се објасни прецизно на граѓаните „кои се загрижени."

„Русија на никаков начин не сака да се затвори или да се изолира од светот, тоа нема поента и е невозможно“, изјави таа.

DW.COM

Реклама