Руската сенка во Куба | Економија | DW | 30.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Руската сенка во Куба

Додека односите на Куба со САД заладуваат, се интензивираат со бившиот партнер, Русија, посебно во нафтениот сектор. Но, рускиот претседател Владимир Путин го јакне руското влијание и во други области.

Во јули 2014. година вниманието привлече една вест во угледниот московски весник „Комерсант“ - Русија сака повторно да ја активира шпионската станица Лурд на Куба, оддалечена само 160 километри од американскиот брег. Во најголемата шпионска база вон Русија, некогаш работеле околу три илјади луѓе. За време на Студената војна, Москва ја користела оваа база за прислушување на телефонски разговори и радио врски во САД. Од финансиски причини, Путин во 2001. година нареди затворање на базата. Плановите за нејзино наводно повторно отворање од пред триипол години се толкуваат во светлина на засилениот интерес на Москва за Латинска Америка и бившиот долгогодишен сојузник, Куба, но и поради затегнатите односи со Западот и САД поради војната во Сирија и во Украина.

Шпионската база сѐуште е затворена, но ситуацијата потсетува на онаа пред летото 2014. година. Додека односите на Куба со САД нагло заладија поради наводни „акустични напади“ врз американски дипломати на островот, Хавана се приближува кон бившиот партнер Русија. Слично како и во советско време, Русија ѝ помага на Куба преку испорака на нафта. Според руската новинска агенција Тас, Кремљ и кубанската влада во средината на октомври постигнале договор за проширување на рускиот извоз на нафта, како и за интензивирање на соработката во производство на нафта на островот. Со оглед на потешкотиите со испораките од Венецуела, која ја мачат економски и политички проблеми, во игра влета рускиот енергетски концерн Роснефт, во полудржавна сопственост.

Kuba Putin Besuch Archiv 2000 (picture-alliance/dpa)

„Добредојдовте, претседателе Путин“, плакат во Хавана

Нафтената бранша како предвесник

Роснефт уште во март се обврзал на Куба да ѝ испорачува 250.000 тони нафта и дизел. Стручњаците претпоставуваат дека ова е само дел од поширок договор. Роснефт во текот на оваа и претходната година на венецуелскиот државен концерн ПДВСА му позајми околу пет милијарди американски долари. Тоа би можело да ги опфаќа и идните нафтени испораки на ПДВСА на Куба.

Сценариото делумно потсетува на 70-те и 80-те години, кога Советскиот Сојуз беше главен гарант како на стопанскиот, така и на политичкиот опстанок на Куба. Истовремено се вршеше и советизација на земјата. Куба беше преплавена од советски производи, кои станаа замена за фрижидерите, телевизорите и други американски производи. На островските улици се појави зголемен број Москвичи и Лади. Покрај Виетнам, Куба во 1972. година беше единствена земја од т.н. трет свет која беше членка на Советскиот совет за взаемна економска помош, СЕВ.

Во 80-те години советската помош изнесуваше околу две милијарди американски долари годишно. Кон тоа се надоврзуваа околу тринаесет милиони тони нафта. Киба стануваше сѐ позависна од Советскиот Сојуз. Околу 85 проценти од надворешната трговија, во 1989. година се одвивале преку СЕВ. Распадот на Советскиот Сојуз, а со тоа и на СЕВ, дотолку потешко го погоди карипскиот остров. Испораките на нафта се намалија од тринаесет, на четири милиони тони во 1993. година, увозот на стоки се намали за 75 насто. Куба беше погодена од тешка економска криза. Долговите кон Советскиот Сојуз во 1991. година изнесуваа близу 35 милијарди долари.

USA Botschaft Kuba in Washington (picture-alliance/AP Photo/A. Harnik)

Заладени односи - кубанската амбасада во Вашингтон

Како наследник на Советскиот Сојуз, Русија на Куба во 2014. година ѝ отпиша 90 проценти од долгот. Преостанатиот дел, околу 3,5 милијарди долари, треба да се подмири преку поволни услови за руски инвестиции на островот. Роснефт би требало да ја модернизира и најголемата рафинерија во Куба, Сиенфуегос, која поради намалените испораки на венецуелска нафта, моментно работи со половина капацитет. Венецуела, најблискиот сојузник на Куба, драстично го намали нафтениот извоз поради политичката и економската криза. Наместо 100.000 барели, Каракас моментно во Куба извезува само 55.000 барели нафта дневно. Тоа е една од причините за Куба да ги интензивира бушењата во својата економска зона во Мексиканскиот Залив, во кои се вклучени и руски компании.

Геостратешки интереси

Посебно откако Доналд Трамп седна во претседателската фотелја во САД, се интензивираа дипломатските и економските контакти на Куба со Русија. Двете земји во септември усвоија цел пакет договори, меѓу другото и за соработка во енергетскиот и железничкиот сектор. Договорот опфаќа и производство на прехранбени производи, опфатена е и текстилна индустрија. Покрај тоа, Русија извезува и камиони, автобуси, локомотиви и лифтови.

Трговскиот волумен меѓу двете земји во првата половина годинава е зголемен за 73 проценти, односно изнесува 176,2 милиони долари. Тоа е значително помалку од трговскиот волумен на Куба со Кина и Венецуела, но во секој случај, порастот е огромен. Во туризмот, Куба оваа година очекува рекордни 100.000 руски туристи. Соработката се интензивира и во областа на спортот и културата.

На крајот на 2016. година Русија потпиша спогодба и за модернизација на кубанската војска. Зачестено се слушаат и вести за повторно отворање на руската воена база на Куба. Сепак, тоа е малку веројатно, доколку Хавана планира подобрување на односите со САД, прилично заострени откако американски дипломати минатиот месец наводно билежртви на „акустични напади“.  Најмалку 22 американски дипломати и членови на нивните семејства се пожалиле на мигрена, мачнина, вртоглавица, па и на губење на слухот. Американската влада на тоа реагираше со повлекување на најголем дел од вработените во амбасадата и на Куба врати петнаесет кубански дипломати.

Додека за време на претседателствувањето на Доналд Трамп повторно растат тензиите меѓу САД и Куба, што експертите и го предвидоа, нови партнери стануваат Кина, Иран и Русија. „Куба се обидува да ги прошири своите врски“, вели Рихард Фајнберг, стручњак за Латинска Америка во трустот на мозоци Brookings Institution.

„Со оглед што во наредните години  не е изгледна поблиска економска соработка со САД,  се бараат алтернативни сојузници. Првенствено силни земји, како Кина или Русија, кои можат да понудат поволни цени.“

Русија притоа на Куба јасно ги следи своите геостратешки интереси. „Не е тешко да се разбере Путиновата порака“, вели Фајнберг и додава: „Путин копнее да ја поврати империјалната слава на Русија, а односите со Куба се вклопуваат во тој шаблон“.

 

DW.COM

Реклама