Руската војска го убила лидерот на Исламска држава? | Свет | DW | 16.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Руската војска го убила лидерот на Исламска држава?

Водачот на терористичката милиција Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади, според наводите на руското министерство за одбрана, би можело да е убиен во руски воздушен напад во Сирија во минатиот месец.

Руското министерство за одбрана ги проверува извештаите за тоа дека при руски воздушен напад на крајот од мај годинава загинал првиот човек на терористичката организација Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади. Нападот се случил во јужните предградија на сирискиот град Рака, кој е главно упориште на исламистичката милиција.

Високи команданти на Исламска држава имале средба во моментот на нападот на 28. мај, се вели во изјавата на министерството која ја пренесуваат руските агенции. Лидерите на ИД се собрале за да дискутираат за повлекувањето од Рака, кој де факто е главен град на Исламска држава.

„Според информации кои се верификувани по различни канали, на средбата исто така учествувал и лидерот на ИД, Ибрахим Абу Бакр ал-Багдади, кој бил елиминиран во нападот“, стои во изјавата. Според руското министерство, во нападот биле убиени и околу 30 команданти на ИД и најмалку 300 борци на терористичката група.

Извештаи за смртта на ал-Багдади имаше и порано. Неговите движења не беа познати во последно време. Се веруваше дека бил во Мосул, во Ирак, пред операцијата на ирачките и коалициските сили преводени од САД за преземање на контролата врз градот, која започна во октомври 2016 година. 

Анти-ИД коалицијата под водство на САД пак денеска соопшти дека не може да го потврди рускиот извештај оти е можно Абу Бакр ал-Багдади да е убиен во руски воздушен напад,

„Ние тоа не можеме да го потврдиме“ рече портпаролот на коалицијата, полковникот Џон Доријан.
 

 

DW.COM

Реклама