Русија го повлече на консултации својот амбасадор во САД | Свет | DW | 17.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Русија го повлече на консултации својот амбасадор во САД

Ескалира конфликтот помеѓу Русија и САД. Официјална Москва донесе одлука да го повлече на консултации својот амбасадор во Вашингтон.

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, е повикан на консултации во Москва, со цел да се „анализира иднината на односите со САД“, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Потегот на Русија доаѓа откако американскиот претседател Џо Бајден остро го нападна рускиот претседател Владимир Путин во интервју за Еј-Би-Си Њус. Во интервјуто објавено денеска, Бајден на прашањето дали го смета Путин за „убиец“, одговара „Да“. Американскиот претседател не наведува други детали и не појаснува дали можеби притоа мисли на случајот на труење на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални.

USA Russland | Putin und Biden einig über Abrüstungsvertrag

Американскиот претседател Џо Бајден остро го нападна рускиот претседател Путин

Москва реагираше веднаш и остро на изјавите на Бајден. „Путин е наш претседател и напад врз него е напад врз нашата земја“, напиша претседателот на парламентот Вјачеслав Володин на „Телеграм“.

Во вторникот американските власти објавија нов извештај, според кој Русија се мешала во американските претседателски избори во 2020 година. Москва сакала да влијае врз исходот од изборите и да сее незадоволство во земјата, се вели во извештајот објавен од Канцеларијата на координаторката на американските тајни служби, Аврил Хејнс. Според извештајот, Путин и неговата влада ги „одобриле и спровеле“ мерките. Притоа, како што се тврди, Русија се концентрирала на дезинформации, но за разлика од 2016-та година, не се обидела директно да ја поткопа изборната инфраструктура во САД.

Повеќе: Американски тајни служби: Путин сакал да му наштети на Бајден на изборите

Кремљ го демантира наведеното во извештајот на американските тајни служби и тврди дека извештајот е „погрешен и апсолутно неоснован“. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, тврди дека Русија не се мешала ниту во американските избори во 2020-та ниту во изборите пред тоа. Такво тврдење од страна на САД им нанесува штета на „и онака разнишаните руско-американски односи“, го цитира агенцијата Интерфакс портпаролот на Кремљ, Песков.