1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија предупреди од еднострани акции во Сирија

СН/АМ/ртр/дпа/макфакс21 август 2012

По заканите на американскиот претседател Барак Обама, за напад врз Сирија во случај режимот во Дамаск да употреби хемиско оружје против бунтовниците, Русија, најважниот сојузник на Асад реагираше со прдупредување.

https://p.dw.com/p/15tm6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го предупреди Западот да не презема еднострани акции во Сирија, откако претходно американскиот претседател Барак Обама изјави дека американските сили би можеле да делуваат доколку Дамаск не го размести хемиското оружје.

Ова предупредување Лавров го упати по средбата со кинескиот државен секретар Даи Бингу, одржана по повод вчерашната изјава на Обама, која е најостра до сега и со која е навестена можност за интервенција на силите на САД против сирискиот претседател Башар ал-Асад, во случај тој да посегне по хемиско оружје против бунтовниците.

„Русија и Кина ја засноваат својата дипломатска соработка на потребата стриктно да се почитуваат нормите на меѓународното право и принципи содржани во повелбата на ОН и да не се дозволи нивно кршење“, рече Лавров.

Русија и Кина се противат на воена интервенција во Сирија, во која судирите траат над 17 месеци, а досега во три наврати вложија вето во Советот на безбедност на резолуциите со кои се осудува сирискиот режим, а беа поддржани од западните и арапските држави. Сирискиот претседател Башар ал Асад пак заканите на претседателот на САД ги отфрли како дел од предизборната кампања на Барак Обама.

Американскиот претседател синоќа за првпат отворено ја спомена можноста за воена интервенција во Сирија на прес-конференција во Вашингтон:

„Во овој момент се‘уште не сум наредил воена интервенција, но тоа ќе се случи ако биде употребено хемиско и биолошко оружје. Тоа би ги загрижило и сојузниците во регионот, вклучувајќи го и Израел, но и нас“, рече Обама.

Тој го предупреди сирискиот претседател Башар ал-Асад дека употребата на такво оружје би била „црвена линија“ преку која САД нема да можат да преминат.