Русија отвори нов гасовод под Балтичкото море
8 октомври 2012Русија денеска го отвори новиот гасовод вреден 6,4 милијарди евра под Балтичкото море кој директно го поврзува европскиот пазар со големите резерви природен гас во Сибир.
Гасоводот, кој е долг 1,224 километри, од денеска почна да пренесува гас од северот на Русија до градот Лубмин во Германија, на брегот на Балтичкото море. Тој е дел од проектот Северен тек, а со пуштањето во употреба на новиот гасовод неговиот годишен капацитет е двојно зголемен и сега изнесува 55 милијарди кубни метри. Првиот дел од гасоводот беше отворен во ноември минатата година.
Околу две петини од гасот на европскиот пазар стигнува од Русија која располага со најголеми резерви на природен гас во светот.
Пред изградбата на Северниот тек, поголемиот дел од гасот од Русија кон Западна Европа се испорачуваше преку Украина и Белорусија, но поради честите спорови на овие две земји со Москва, испораката беше прекинувана.
Компанијата која раководи со северниот тек најави дека планира во текот на 2013. година да отвори уште еден до два дополнителни гасоводи.