Русија одбива подолг прекин на огнот во Алепо | Свет | DW | 15.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Русија одбива подолг прекин на огнот во Алепо

Рускиот министер за надворешни работи Лавров го одби барањето од германскиот колега Штајнмајер за подолготраен прекин на огнот во Алепо. Односите меѓу Русија и Германија можат да се подобрат, истакнаа двајцата политичари

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајмнајер денеска во Екатеринбург разговараше со својот руски колега по функција Сергеј Лавров околу двете кризни жаришта - Сирија и Украина, посебно за сирискиот град Алепо.

„Хуманитарната ситуација во Алепо е катастрофална, тоа не смее да продолжи натаму“, напразно предупредуваше Штајнмајер. Лавров укажа на досегашните иницијативи на сириските и руските воени сили: четири бегалски коридори за населението од завојуваниот град, и три часа дневно молк на оружјето. За секоја хуманитарна акција мора да постои гаранција дека помошта нема да стигне во рацете на террористите, истакна тој.

Според Штајнмајер, три часа пауза за оружјето дневно не се доволни, тој инсистира на обезбедување коридори за снабдување директно во градот, а во краен случај, итна помош во продукти и лекови за населението по воздушен пат. Позитивна точка според Штајнмајер е што Русија и САД разговараат околу хуманитарна акција за Алепо.

Russland Frank-Walter Steinmeier in Jekaterinburg

Германскиот министер Штајнмајер во посета на Екатеринбург

Во однос на другото кризно жариште, Украина, без оглед на најновите тензии, и Русија и Украина го увериле дека ќе се придржуваат кон договорот од Минск за решение на конфликтот во источна Украина, изјави Штајнмајер. Во источниот дел од Украина од 2014 година украинската војска води борби против сеператистите, кои Москва ги поддржува со оружје и војници.

Германската влада не располага со сопствени сознанија во врска со руските обвинувања дека украински саботери подготвувале напади врз од Русија анектираниот полуостров Крим, рече Штајнмајер. Москва, користејќи се со овие обвинувања, минатата недела заканувачки го подигна тонот кон Киев.

„Во моментов потребно е да прекине било каква акција која би ја влошила ситуацијата“, предупреди германскиот министер. Лавров пак вината за непримената на Минскиот мировен договор ја префрли врз Украина.

Без оглед што во источна Украина непрекинато се водат борби, Штајнмајер е воздржано оптимистички настроен: „Мислам дека е можно подобрување и дополнително обезбедување на прекинот на огнот во источна Украина.“ Тој исто така гледа шанси за решение на политичките прашања, како донесување изборен закон и автономен статус за сепаратистичките области.

Пред политичките разговори, Лавров и Штајнмајер дискутираа со студенти, при што признаа дека во моментов руско-германските односи не се најдобри, но двајцата гледаат шанса за подобрување. „Уверен сум дека нашите односи порано или подоцна повторно ќе се стабилизираат“, рече Лавров, подвлекувајќи ја улогата на Германија како клучен партнер за Русија.

Реклама