Русија го осудува „бесрамниот“ притисок врз Иванов | Северна Македонија | DW | 03.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Русија го осудува „бесрамниот“ притисок врз Иванов

Официјална Москва со ново соопштение одговори на изјавите на претставниците на ЕУ и НАТО кои побараа од претседателот Иванов да ги почитува демократските стандарди и да го даде мандатот за формирање влада на мнозинството

Мешањето однадвор во внатрешните работи на Република Македонија продолжува и добива „бесрамна форма“, реагира втор ден по ред руското Министерство за надворешни работи.

Во најновото соопштение денеска се критикуваат поименично еврокомесарот Јоханес Хан, високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и други високи претставници на, како што се наведува, „просветлена Европа“ кои се јавуваат како чувари на демократските норми, а кои, „продолжуваат да вршат невиден притисок врз претседателот Иванов да и го даде мандатот на опозицијата која ја прифатила ултимативната 'албанска платформа'“.

Дополнително, опозицијата е обвинета дека „и покрај манипулациите на изборите“ била поразена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во истиот стил како и во вчерашното соопштение, руското МНР тврди дека „мерките формулирани во Тирана подразбираат федерализација на Македонија, ревизија на архитектурата на власта, па дури и на државните симболи“. „Сето тоа води кон поткопување на уставниот поредок и конечно- кон распад на државата“, тврди Москва.

Понатаму во соопштението се коментира и изјавата на косовскиот претседател Хашим Тачи чиј вчерашен повик до Албанците „да ги земат правата во свои раце“ се толкува како повик за „Голема Албанија која треба да вклучи територии и на соседните земји“.

Со тоа, заклучува руското МНР, уште еднаш се покажува дека „вештачката квази држава Косово е еден од главните извори на нестабилност и главен носител на конфликтниот потенцијал на Балканот“.

Österreich Sigmar Gabriel trifft Sebastian Kurz

Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел му порача на Иванов да ја коригира одлуката

Новото соопштение е повторување на тезите изнесени во вчерашното, со тоа што овојпат директно се одговара на изјавите на водечките претставници на ЕУ и НАТО, кои одново побараа од претседателот Иванов да ги почитува демократските стандарди и да му го даде мандатот на оној кој има обезбедено мнозинство за формирање влада во Собранието.

Денеска на оваа тема за првпат се изјасни и официјален Берлин, од каде во целост го поддржаа ставот на Могерини. Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел од Украина, каде е во официјална посета, порача дека е вознемирен поради состојбата во Македонија и побара претседателот Иванов „да ја преиспита и коригира својата одлука“.