1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русите не се плашат од Путин

Ж. Ацеска/афп/дпа 12 јуни 2012

Десетици илјади демонстранти денеска (12.06) бараа оставка на рускиот претседател Владимир Путин. Тој предупреди од ослабување на државната моќ.

https://p.dw.com/p/15Cis
Фотографија: picture-alliance/dpa

И покрај големиот притисок од страна на државата, денеска во Москва илјадници Руси протестираа против претседателот Владимир Путин. Организаторите зборуваат за околу 100.000 демонстранти, власта тврди дека биле собрани само 18 илјади луѓе.
„Стоп за угнетувањето, вие од нас правите револуционери“, „Русија без Путин“, извикуваа масите.
Во главнот руски град беа ангажирани повеќе од 12.000 полицајци и службеници на министерството за внатрешни работи. Во центарот на градот властите блокираа цели улици.


Најголемиот дел од водачите на протестите, како познатиот блогер Алексеј Навални, не беа присутни на почетокот на демонстрациите.
Кратко пред протестните манифестации повеќемина опозиционери беа поканети на сослушување во полицијата. Вчера истражните органи извршија претрес во повеќе станови на познати опозиционери.
Шефот на опозициониот Лев фронт, Сергеј Уздалов, беше меѓу нив, но се спротивстави на наредбата и сепак се приклучи на протестите, зашто се чувствувал обврзан на тоа, како еден од организаторите. Тој најави дека ќе одговори на сите прашања на истрагата.
„Тие се плашат“, изјави опозициониот водач Борис Немцов за односот на државното раководство кон владините критичари.
Власта изврши дополнителен притисок со законот кој стапи во сила во петокот (08.06), кој предвидува драконски парични казни во случај на прекршување на одредбите на, и онака ограниченото, право на демонстрации.
„Не можеме да прифатиме слабеење на нашата држава и поделба на општеството“, порача претседателот Путин во телевизиски говор по повод денот на независноста, без да заземе став кон новиот протест.
Повеќе независни медиуми, како радиото Московско ехо, реномираниот опозициски весник Новаја газета и ТВ Дожд на почетокот на денешните демонстрации не беа достапни преку интернет. Нивно привремено блокирање на интернет беше извршено и за време на спорните парламентарни избори во декември.
Пратеникот на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон изрази загриженост поради „обидите за заплашување на водачите на протестите и нивно спречување да учествуваат на нив“, изјави нејзиниот портпарол во Брисел. Таа го повика руското раководство на дијалог со опозицијата заради воведување демократски стандарди и реформи.

Wladimir Putin
Владимир ПутинФотографија: AP
Moskau - Proteste gegen Putin
Фотографија: dapd