Руинирани институции и реално шоу | Македонија | DW | 13.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Руинирани институции и реално шоу

Солидарноста на граѓаните за настраданите во поплавите е првата и последна добра вест во оваа траорна недела за Македонија. Сите други настани зборуваат дека државата е во руинирана состојба. Колумна на Јасна Котеска.

Веќе една недела Република Македонија живее со траорните последници од поплавите на 6 август 2016, во кои загинаа 22 лица, повеќе лица се водат како исчезнати, а стотици луѓе се повредени. Длабоко сочувство до семејствата на загинатите и на настраданите. Околу 5,000 домаќинства од 12 скопски населени места се со целосно или делумно уништени имоти. На Република Македонија и’ се закануваат епидемии и заразни болести, ерозии на земјиштето, а траумата од 6 август уште долго ќе остане рана на македонското општество.

Граѓаните на Република Македонија уште еднаш покажаа солидарност, благородност и сплотеност. Илјадници граѓаните и стотици компании, фирми, институции, банки, универзитети, здравствени установи донираа стотици илјадници евра за помош на настраданите. На социјалните мрежи граѓаните секојдневно се координираат за носење помош и расчистувањето на патиштата и домовите на настраданите, заедно со Црвениот Крст, армијата и полицијата, тимовите за медицинска помош, и други служби. Донациите во материјални средства, експерти, машинизација и прва помош за загрозените подрачја пристигнуваат и од дијаспората, од владите во соседството, како и од европските земји.

Солидарноста е и првата и последна добра вест во оваа траорна недела. Сите други настани зборуваат дека државата е во руинирана состојба.

Застрашувачки одговори

Имено, како што одминуваат деновите, се' почести се прашањата дали државата соодветно ја превенираше катастрофата од 6 август, дали помошта се организираше според потребите и дали некој треба да понесе морална, политичка или кривична одговорност. Додека „итната“ собраниска седница за поплавите е закажана за в недела, цели осум дена по катастрофалните настани, координаторот на владејачката партија на новинарското прашање за политичката одговорност пет дена по поплавите изјави дека е „нецивилизациски и неодговорно да се зборува за одговорност“, кога тоа може да се дискутира и подоцна.

Но, ако ја имаме предвид најбазичната дефиниција за поимот цивилизација („Цивилизација е комплексно општество кое се карактеризира со населби, општествена хиерархија, комуникација и доминација над природната околина“), тогаш всушност најцивилизациското можно прашање во моментов, а седум дена по поплавите, е токму - прашањето за одговорноста! Или конкретно: како се уредени населбите во земјава и дали постои општествена хиерархија што ја гарантира безбедноста на граѓаните?

Според она што го видовме, одговорите се застрашувачки.

Еве само дел од нив: Управата за хидрометеоролошки работи до граѓаните не испратила навремено предупредување дека се подготвува невреме; националниот сервис МТВ по полноќ на 7 август се’ уште не беше известил за поплавите; граѓаните до ден денес не се евакуирани од кризните подрачја; тактичкиот штаб на АРМ е отворен цели четири дена по поплавите, и.т.н.

Во меѓувреме се дозна дека советот на град Скопје уште во 2008 знаел за проблемите со поплавите и усвоил документ во кој реонот на Скопска Црна Гора бил означен како посебно ризичен. Од експертите разбравме и дека она што на хартија било ставено како приоритет не соодветствува со состојбите на теренот. Системот за одбрана од води не бил соодветно спроведен, дренажните канали не се прочистувале редовно, на 1325 километри патна мрежа во земјава има само 260 километри атмосферска мрежа; изградените сообраќајници се без соодветни канали и со лоши пропусни мостови; при проектирањето на скопската обиколница не се почитувале прописите за безбедно слевање на водите заради што обиколницата на 6 август се претвори во вештачка брана што ги поплави жртвите, и.т.н.

Реформите во Управата за хидрометеоролошки работи

И додека стручните прашања ги оставаме за експертите, за нас ја задржуваме анализата на оној дел од македонската идеолошка архитектура што придонесе природното невреме да се претвори во катастрофа со човечки и материјални жртви.

Зборуваме имено за серии на згради што однадвор личат на институции, но одвнатре, како кај Кафка, се лавиринти на некомпетентноста. Во нив, раководните лица имаат задачи што се воедно и поголеми и помали од нивните фактички зададени функции, а најчесто не се одредени ниту според соодветноста на струката.

Актуелен пример е диспропорцијата помеѓу описот на работните задачи и фактичките реформи изведени во Управата за хидрометеоролошки работи. Според владиниот сајт, скратено кажано, работата на Управата е следење и споделување на хидролошки и метеоролошки информации, потоа мониторинг на водата и воздухот, како и анализи, прогнози и радарско следење на времето.

Но, забележете дека на листата од 24 реформи што со јавноста неодамна ги сподели директорот на Управата, предничат проекти од типот: исплати на долгови, варосување, замена на прозорци, реновирање на архивата, санирање кровови, асфалтирање на дупки, поправка на парно, изградба на рампи, поправки на службени возила и набавки на нови, реорганизација на секторите, систематизација на законите, меѓународна активност на директорот и раководителите, и.т.н., и.т.н.

И сето тоа е во ред, освен дека на списокот се чини во помала мера се наоѓаат реформите што суштински и директно ја засегаат фактичката работа на Управата, од типот: поправка на два радари, поставување четири нови автоматски станици, прес пулт со рефлектори (да наведеме неколку), а впечатокот од листата, како и исходот од 6 август, е дека повеќе од својата примарна дејност, Управата, како и повеќето други институции во земјава, била форсирана од Владата да манифестира имиџ на „организираност“, а всушност да води тип на опсесивно слугување на фасадниот изглед, на рејтингот, на појавноста, на маската, на патолошкиот нарцизам, на пропагандата, и.т.н.

Показна вежба за девастираните институции

Ултимативниот креатор на процесот на разнебитување на македонските институции се појави пред камери во неделата, еден ден по катастрофалната поплава, во ликот на поранешниот премиер Никола Груевски, сегашен лидер на владејачката партија. Неговиот говор беше показна вежба до кој степен се девастирани институциите во земјата. Па така по примерот на славната реченица дека злосторникот секогаш се враќа на местото на злосторот, овојпат не беа веќе потребни т.н. „бомби“ на опозицијата за да чуеме како функционираат државните органи. Поранешниот премиер доброволно ни даде увид до кој степен е дојдена скандалозната подреденост на државата пред Партијата.

Иако во земјава постојат најмалку две институции што се занимаваат со кризен менаџмент, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои вработуваат повеќе од 600 луѓе, гледачите сведочеа шоу во кое поранешниот премиер, и креатор на процесот на претворањето на институциите во PR агенции, од едно од погодените подрачја пред телевизиските камери од својот мобилен телефон директно се информира и им наредува на директорот на ДЗС, на министрите и на премиерот.

Откако директорот на ДЗС му реферира за бројот на обезбедени камиони и багери и откако признава дека нема инструкции каде тие да се распоредат (што по логиката на нештата би требало да биде во описот на неговото работно место, а во координација со другите институции), Груевски му наредува на министерот за здравство и вицепремиер, Никола Тодоров, а во присуство на актуелниот премиер Емил Димитриев, да свика итна седница на владата (со зборовите: „Собирајте се на Влада!“). Откако дознава дека директорот на ДЗС обезбедил 130 луѓе за помош во кризата, Груевски стасува да испреговара бројка од 150 луѓе, а во чудната лицитација во еден момент се вклучува и министерот за здравство, Тодоров (се чини и самиот чудно изненаден од својата дрскост и храброст да понуди повисока бројка од таа на Груевски), по што директорот на ДЗС на Груевски му ветува мобилизирање на 200 луѓе во расчистувањето на поплавените подрачја. Па така наместо министерот за здравство да се грижи за секторот за здравство, во време на сериозна опасност од епидемии и зарази, тој се занимава и со ДЗС. Наместо директорот на ДЗС да ги менаџира луѓето од неговата институција за најитна помош, тој чека Груевски да го насочи. Системот е така поставен што без шефот, институциите се парализирани.

Гледај видео 01:29
Now live
01:29 минути

КФОР, АРМ, доброволци...

Според темпото на реагирање по несреќата од 6 август, се чини дека ниедна од институциите, од МТВ до ДЗС, од министерствата до армијата, всушност и не ја работеле својата примарна работа, туку се чекало на враќањето на Груевски од одмор и на директивите од него лично. Кога тој доаѓа, во погон повторно е вратена целата машинерија од директори кои ги впрегнуваат своите „институции“ во работа.

Во средата запрашан од новинарите во просториите на Црвениот крст во кое својство е дојден, Груевски кусо одговори дека е дојден во својство на граѓанин. И тој навистина може и треба да дојде или во својство на граѓанин или на политичар и водач на партија, но не и во својство на премиер со свое телевизиско шоу.

Политичко реално шоу

Како да се дефинира тој чуден хибриден телевизиски жанр, во кој камерите следат политичар како се распрашува и им наредува на функционери? Најблиската споредба е таа со реално шоу.

Има барем три сличностите помеѓу Груевски во неделата и реалните шоуа.

Прво, како што е познато, реалната телевизија е посебна врста на телевизиска програма во која се следи животот на обичните луѓе или на професионалците од различни сфери (од медицината па до модата). Вообичаено од натпреварувачки карактер, целта на шоуто е да се стекне симпатијата на гледачите и на тој начин да се освои наградата. Ништо поинакво не беше ниту реалното шоу од неделата на Груевски. И тоа има натпреварувачки карактер, и тоа треба да покаже дека тој е подобар од другите функционери, со цел да ги освои симпатиите на публиката и да се стекне со награда.

Второ, како и во реалната телевизија и овде станува збор за нудење увид во процесот на „работењето“, формат во кој на публиката и’ се нуди уживање во глетката која инаку би била приватна и дел од тајните на политичките кабинети. Шоуто не служи за ништо друго освен за ултимативната пропаганда. Уште Енди Ворхол, епитомот на поп-културата на 20-тиот век, има речено: „Навистина сум љубоморен на секој што има свое шоу на телевизија. И јас сакам мое шоу“. Постои една суптилна линија што ги врзува Бернајс, Ворхол и нашиот популист, кој знае дека спектаклот е суштински за победа.

Трето, колку што реалните шоуа за семејствата (на пример) не служат да се покаже како функционира семејството, туку обратно, да се даде на увид дисфункционалноста на истото, така и политичкото реално шоу на Груевски ја покажа целата дисфункционалност на Влада што ја градел десет години. Иако целта беше да се истакне грижата на граѓанинот Груевски како фактор на стабилноста и спокојноста на луѓето, есхатолошкото шоу на Груевски покажа дека граѓаните на Македонија всушност треба навистина да бидат загрижени! Неговото појавување направи Орбан да ни заличи на срамежлив, пензиониран и неразбран политичар. Замислете ја Меркел како пред камери на ајфон издава наредби за управување со државата пред германските телевизии?

На кратко, ова минијатурно шоу го покажа вистинскиот степен на девастацијата на институциите. Доколку директорот на ДЗС бил оставен да ја работи својата работа без да му се обраќа на поранешниот премиер со зборовите „претседателе“ и без да биде во закрепостен однос со него, тој бездруго би знаел дека институцијата со која директорува е негова професионална одговорност! И во име на таа одговорност, ќе ги имал луѓето од својата институција на терен уште пред да се појави Груевски. Доколку директорот на УХМР бил оставен да ја извршува својата работа и тој ќе знаел дека има професионална должност да известува за времето секој час, така како што времето се менува.

Институциите се двојно оштетени и понижени. Прво се наполнети со луѓе кои не може да ги следат директивите како што се напишани, оти тие точно знаат дека директивите не значат ништо и служат само како параван за „како ќе каже шефот“, „како шефот ќе нарача“. Токму затоа и го чекаат да се врати од одмор. Токму затоа провладините портали започнаа со известување за несреќата дури следниот ден на пладне. Затоа (со исклучок на неколку најургентни единици) полицијата и војската се екипираше со цел ден задоцнување.

Таму кадешто сите функционери му должат на еден човек на врвот на пирамидата, никој не се чувствува особено одговорен! И затоа сите прашања за моралната и политичката одговорност деновиве ќе бидат одговарани со реченицата што ја употреби координаторот на владејачката партија: „Тоа не е цивилизациско прашање“. Бидејќи со „цивилизацијата“ што владее во македонските институции во моментов, раководи еден човек, а системот е изграден така што системот може да се активира исклучиво кога шефот ќе застане на чело на сите институции.

А тој со сигурност не се чувствува одговорен, ниту ќе се откаже од својата програма. Како што не ја прифати одговорноста за занемарувањето на инфраструктурата цели 10 години, за нечистењето, за сечењето на дрвата, за катастрофалните урбанистички зафати (за Скопје 2014 некоја друга прилика), така веќе оваа недела наместо во настраданите подрачја, багерите беа активирани и за градењето на Панорамското тркало (така е во програмата – а за неа некоја друга прилика), и за отстранување на паркот во Тафталиџе. Деновиве на социјалните мрежи се споделува документ од ЦУК во кој се гледа дека во два од членовите на законот, под масовна криза се подразбира „пад на довербата на гласачите“. Затоа што губењето на пропагандата е од најголемите кризи што може да го погодат шефот на сите институции во земјава. Затоа, чин на херојство би било кога некогаш, некој телевизиски камерман што по налог на работната задача се нашол да го снима реалното шоу на Груевски, ја исклучи и ја спушти камерата. Кога некој новинар испратен да известува од кризните подрачја би го исклучил микрофонот. А додека ги чекаме овие херои, за почеток некаква политичка зрелост би била кога премиерот Емил Димитриев би почнал да си ги враќа назад функциите што му припаѓаат според законите.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама