Рохани со ограничен простор за реформи | Свет | DW | 10.11.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Рохани со ограничен простор за реформи

Откако претседателот Хасан Рохани дојде на власт во Иран пред точно 100 дена, многу граѓани се надеваат на подобар животен стандард и поголема слобода. Услов за двете работи е запирање на меѓународната изолација.

Иран има еден голем проблем, надворешно-политички кој и тоа како се чувствува на внатрешен план- санкции. Ублажувањето на санкциите е нераскинливо поврзано со решението за спорот за нуклеарна технологија меѓу Иран и западните земји. Во своите први 100 дена на власт, новиот ирански председател потврди дека е поинаков од Махмуд Ахмадинеџад. „Рохани состави тим во чии рамки се навистина стручни луѓе и успеа пред меѓународната заедница да остави впечаток дека Иран има намера да се однесува искрено и сериозно“, вели за ДВ Валтер Пош, стручњак за Иран од берлинската фондација Наука и политика.

Тој впечаток го помага и помекиот став кон САД, со кои Иран нема дипломатски односи уште од 1979. година. Пред телефонскиот разговор меѓу Обама и Рохани и состанокот меѓу државниот секретар Кери и министерот за надворешни работи Џавад Зариф на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН во септември, дури и духовниот лидер на Иран ајатолахот Али Хаменеи изјави оти Техеран мора да покаже „херојска флексибилност“ кон Американците. Последните разговори во Женева не донесоа договор, но веќе е договорено дека за иранската нуклеарна програма повторно ќе се разговара на 20. ноември.

Товарот од санкциите и натаму огромен

„Ирак трпи огромни економски штети под меѓународните санкции“, вели Мерзад Боруџерди од Универзитетот Сиракуза во Њујорк. „Од друга страна, американската администрација се залага за дипломатско решение на спорот за нуклеарна програма. Таа ситуација помага при преговорите.“ Дополнителен проблем е тоа што главните увозници на иранска нафта во Азија купуваат сѐ помалку. Кина, Индија и Јужна Кореа ги одбија иранските понуди за зголемување на количествата нафта за продажба, пренесува Ројтерс.
Покрај тоа, иранската новинска агенција ИСНА известува оти Кина, која е најголем увозник на иранска нафта, сѐ уште не му исплатила на Техеран најмалку 22 милијарди евра за купените енергенси, бидејќи Иран е исклучен од меѓународните монетарни текови.

Поради ваквата неповолна ситуација власта „речиси и да нема простор за економски реформи кои ги најави Рохани“, вели економистот Ферејдун Шаван за ДВ. За државата е практично невозможно да се справи со инфлацијата, невработеноста и сѐ поголемиот буџетски дефицит, ако санкциите и натаму бидат во сила. Шаван сепак смета дека мала надеж претставува можното закрепнување на курсот на иранската валута- имено, во октомври за еден американски долар се добиваа 30.000 риали, а во септември околу 38.000.

Рохани по малку попушта“

Покрај подобрите односи со надворешниот свет, многу Иранци по сменувањето на власта се надеваат и на либерализација на општеството и на поголема слобода. И тука се покажува дека во Иран е сѐ поврзано: неодамна е помилувана група политички затвореници, а ослабен е и режимот на домашниот притвор во кој речиси три години без судење се наоѓаат лидерите на опозицијата Мир Хосеин Мусави и Мехди Каруби.

Сепак, ако санкциите останат во сила, не треба да се смета на вистинско политичко отварање, смета Волтер Пош од фондацијата Наука и политика. „Рохани по малку попушта. Но сѐ додека Иран се наоѓа под таков надворешно-политички притисок, не верувам дека е можно трајно подобрување што се однесува до правата на граѓаните.“